Членовите на собраниската Комисија за финансирање и буџет денеска ја завршија општата расправа по Предлог-ребалансот на Буџетот, на која пратениците од опозицијата и од власта останаа на спротивставени ставови по однос на доставениот буџетски измени.
За опозицијата, ребалансот е доказ дека „економијата е разрушена“ и дека „постојано се зголемува сиромаштијата“. Според опозициските пратеници, се работи за неразвоен буџет кој нема да може да се справи со актуелните економски и социјални притисоци.
Пратеничката Дафина Стојановска од ВМРО-ДПМНЕ истакна дека со ребалансот нема ништо да се промени. Според неа, со ребалансот власта купува време и не се справува со проблемите.
-Бродот тоне, луѓе се дават и умираат, ама министерот за финансии Фатмир Бесими вели дека ќе ја задржува стабилноста со ребалансот за 2022. Ова е трагедија од животот, што оваа власт го ветуваше така надежно – рече Стојановска.
Пратениците од власта, пак, порачаа дека со ребалансот се остварува заштеда на сериозни средства што ќе се искористат за директна помош за граѓаните и за стопанството, во услови на економска криза која го потресува целиот свет.
Пратеникот од СДСМ Диме Велковски истакна дека не е точно оти има постојан раст на задолжувањето, бидејќи, како што рече, државата покрај тоа што се задолжува, секоја година отплаќа долгови и оти само лани бил исплатен долг од 500 милиони евра.
-Има пораст на платите, на пензиите, има поддршка за стопанствениците и за земјоделците – нагласи Велковски, додавајќи дека тоа ќе продолжи и со ребалансот, бидејќи, според него, се крати онаму каде не може да се реализираат средствата и се префрлаат таму каде што се неопходни.
По редовната едночасовна пауза, членовите на Комисијата за финансирање и буџет треба да преминат на амандманска расправа, односно на разгледување на предложените над 200 амандмани на Предлог-ребалансот, поднесени претежно од опозицијата.