Реакција на жителите од Волковија: „Жикол“ ни ги уништи изворите за вода и столетната дабова шума

by fokus

Жителите на село Волковија, oпштина Брвеница, Тетовско бараат одговорност од градежната компанија Жикол, за која тврдат дека им ги уништила изворите со вода и околината. Тие апелираат надлежните институции да ја заштитат животната средина од уништувањето на кое се изложени откако компанијата Жикол почнала да изведува градежни работи.

„Недозволиво е градежната фирма Жикол наместо да се извини за тешкиот престап со кој неколку денови ги уништуваше изворите за вода за пиење во село Волковија преку соопштение за јавноста да лаже и манипулира со фактите. Градежната фирма имаше внесено во самото извориште тешка механизација која отвараше пат низ самиот извор и други бушилици, багери и камиони. Водата беше целосно заматена, истурени вреќи со цемент и други хемикалии, остатоци од конзерви и друг шут се наоѓаа во извор за вода за пиење, а истото со увид на лице место го утврди и полицијата, како и многуте новинарски екипи“, се вели во реакцијата на жителите кои тврдат дека токму поради недозволеноста за ваквите активности како и нивната опасност градежните работи биле присилно сопрени од населението и полицијата.

„Жикол исто така лаже кога вели дека не направил штета врз столетна дабова шума на црковниот имот на манастирот Св. Георгиј Победоносец, бидејќи истото е повеќе пати пријавувано во полиција и за секој инцидент постои записник. Изворите, цевководниот систем, пумпниот сиситем како и резервоарите и целосно чистата животна средина ја одржуваат овие жители без ничија помош, ниту една компанија својата тендерска заработка нема да ја добива врз нашиот грб, оставајќи зад себе далекусежно штетни последици врз недолжно и чесно население. Очекуваме заштита од институциите, а градежната фирма Жикол соодветно да одговара“, се вели во барањето од месното население.

 

Поврзани новости