Реакција на Независен академски синдикат: Ректоре, вашето самоволно однесување го доведува во прашање функционирањето на Стоматолошкиот факултет

by Fokus

Ние, членовите на академската заедница, ја имаме одбрано оваа професија затоа што веруваме во моќта на аргументите како основа на научната мисла и во благородноста на воспитно-образовната мисија што ја вршиме во општеството.

Како членови на Независниот академски синдикат (НАкС) веќе еднаш Ви укажавме дека Вашето неосновано неизбирање на легално и легитимно предложениот кандидат за декан на Стоматолошкиот факултет на УКИМ, Проф. д-р Ќиро Ивановски, како и одбивањето да дадете аргументирано образложение за таквата постапка, сериозно ги разнишува академските вредности и го нарушува угледот на Универзитетот.

Повторно Ви се обраќаме со цел да Ве предупредиме дека Вашето самоволно однесување, покрај тоа што ја поништува слободно изразената волја на нашите колеги од Стоматолошкиот факултет, сериозно го доведува во прашање натамошното функционирање на една единица на УКИМ. Имено, мнозинството членови на Наставно-научниот совет на Стоматолошкиот факултет, во нивниот Проглас од 07.06.2017, предупредија дека нема да учествуваат во неговата работа, доколку со него раководи од Вас назначениот вршител на должност декан, со цел да не станат Ваши соучесници во кршењетo на Законот за високо образование и Статутот на УКИМ. Веруваме дека сте свесен за тоа дека неодржувањето седница на Наставно-научниот совет на Стоматолошкиот факултет ќе резултира со неможност за упис на нови студенти на овој факултет.

Оттука, најважната причина за ова повторно обраќање е нашето стравување дека поради Вашата неподготвеност или незаинтересираност за решавање на настанатиот проблем во конструктивен и академски дух, Вие го загрозувате правото на студирање на Стоматолошкиот факултет на цела една генерација потенцијални студенти, граѓани на РМ, од чии средства се финансира нашето работење како јавна дејност. Овие млади луѓе ќе бидат принудени да запишат студии по стоматологија на други универзитети во земјата или странство, со што УКИМ ризикува да ја загуби можноста да профилира квалитетни идни стоматолози и директно ќе бидат оштетени тие, УКИМ и поширокиот јавен интерес.

Поради тоа, од Вас уште еднаш бараме да се сетите на одговорноста, важноста и на благородноста на нашата воспитно-образовна улога во општеството, да ја преиспитате својата одлука и да постапите на законски, но пред сѐ, на морален, академски и педагошки начин.

 

Независен академски синдикат

Поврзани новости