Реакција на Насков: Уште еден во низата погрешни потези на Башески

by Фокус 16:11
16:11

Роберт Насков, претседател на Друштвото на филмски работници на Македонија, со реакција до в.д директорот на Агенцијата за филм, Дарко Башески. Писмото го објавуваме во целост:

„Јавно го прашувам в.д. директорот на Агенцијата за филм Дарко Башески, зошто институцијата која тој ја раководи, одби да го финансира хрватскиот филм “Звиздан” на Далибор Матаниќ!? Тој филм во избор од 1.400 филмови, беше селектиран во програмата “Un Certain Regard” на Канскиот филмски фестивал и ја освои наградата од жирито со кое претседаваше актерката Изабела Роселини.

- Advertisements -

Башески, како е можно вредноста на тој филм да ја прочитаат во Хрватскиот аудиовизуелен центар, во Словенскиот филмски центар, во Филмскиот центар на Србија, филмот да биде подржан од Медиа програмата и Еуримаж, но не и од Агенцијата за филм на Македонија? Мора да одговориш зошто е пропуштена историска шанса Македонија да биде дел од овој огромен филмски и културен успех, да биде дел од филмот кој најдобрите светски филмски часописи го вброија во десетте филмови од оваа издание на Канскиот фестивал кое мора да се види.

Престани да се криеш зад разни читачи, филмски совети, управни одбори и административни процедури, туку јасно одговори зошто им е ускратена можноста на македонските филмски професионалци, автори и актери да бидат дел од овој филмски проект, а со тоа и од оваа врвна филмска манифестација, зошто пропуштивме сите заедно да се радуваме на успехот на овој филм? Мислам дека  македонска јавност има право да ги знае одговорите на овие прашања бидејќи располагаш со нивните пари. Башески, до кога со твоите лоши проценки и погрешни потези ќе и нанесуваш штета на македонската кинематографија?, пишува во писмото на Насков.

 

 

Поврзани новости