-Министерството за култура жали што повторно се прават обиди да се девалвира изградбата на еден од најрепрезентативните објекти во нашата држава. Како што информиравме и претходно, повторно укажуваме дека со овие анекс договори не се трошат дополнителни средства од буџетот на Република Македонија, туку со овие анекс договори се порамнуваат обврските во рамките на веќе склучените договори, се наведува во реакцијата на министерството.
Оттаму објаснуваат и дека при извршувањето на договорот, не секогаш доаѓало до целосна реализација на договорената вредност, туку имале и намалување на вредноста на договорот поради неизвршување на одредени позиции што надзорот ги констатира во завршна конечна ситуација со фирмите изведувачи.
-Македонскиот народен театар е целосно готов и Министерството за култура согласно законот ги заокружува сите административно-технички работи околу изведбата на Договорот. Сите вишоци, кусоци, дополнителни и непредвидени работи се евидентирани во градежна книга и се потврдени од надзорниот орган кој ја следел изградбата на објектот, велат од министерството.
И по нивното објаснување, останува нејасно за какво порамнување станува збор, со оглед на тоа што досегашното искуство покажува дека анекс договорите се склучуваат исклучиво за дополнителни и непредвидени трошоци.