Хрватска е во Европа и ништо повеќе нема да биде како што беше некогаш!

by lali 11:01
11:01

Текстот е објавен на 16 декември 2011. во неделникот „Фокус“.

qМинатата недела во Брисел, Хрватска го потпиша долгоочекуваниот Договор за пристапување во Европската унија. Големиот спектакл, кој од хрватска страна со своите потписи го украсија претседателката на владата, Јадранка Косор и претседателот на Републиката, а од страна на Унијата на шефовите на 17 земји членки, во Хрватска наиде на мошне ладен одек. Вестите што говорат за распадот на оваа интеграција и економскиот потоп на поголем дел земји членки под притисок на светската економска криза, едноставно ѝ оневозможија на хрватската јавност повеќе да ужива во овој, навистина битен историски настан, кој Хрватска на само еден чекор ја доближи до полноправно членство во ЕУ, кое почнува на 1 јули 2013 година.

- Advertising -

Иако претседателот Јосиповиќ, во својот бриселски говор, нагласи дека овие потписи имаат исто значење како и прогласувањето на независноста по распадот на СФРЈ, обичните граѓани во многубројните телевизиски анкети најчесто го изразуваа својот сомнеж во подобра европска иднина, како и уверувањето дека попрво Унијата ќе се распадне, пред Хрватска да ги собере плодовите од своето рамноправно членство. Во деновите кога вестите од Брисел и од повеќето европски метрополи имаат главно негативен или дури катастрофален призвук, невозможно беше да се очекува дека во хрватските градови, по повод важните потписи, ќе се отвора шампањско или ќе се веат хрватски и европски знамиња.

Во ваква катастрофална атмосфера, која сее само безнадежност, сосема се изгубија приказните за навистина огромниот труд што го вложи целото општество, за воопшто да се дојде до овој настан, како што сосема изостана и јасната слика за тоа колку настојувањата за исполнување на стандардите за приближување кон Европа ја прават оваа земја подобра, поубава и поперспективна.

НА ОПАШКАТА НА ЕВРОПСКИТЕ НАСТАНИ

Никој овие денови не успеа да се присети колку првиот хрватски претседател Фрањо Туѓман се спротивставуваше на било какви тенденции земјата да стане дел од цивилизирана Европа. Таквата автократска и само по војната позната Хрватска, Европската унија можеше само да ја игнорира и со години да ја бутка во сѐ поголема изолација. Па така, токму поради својот прв претседател и неговата политика, таа ја изгуби приликата, како и повеќето земји од поранешниот Источен блок и Словенија, да биде во првата група која ќе им се придружи на 15-те земји, колку што беа во средината на деведесеттите години. Штетата која тој политичар ја направи на националните интереси денес е многу лесно мерлива: постоеја шанси, благодарејќи на својот економски потенцијал, Хрватска да претрка повеќе земји од источниот лагер. Но, се случи токму спротивното – денес сме на опашката на европските настани и сѐ уште сме вистинска европска провинција, каква што не бевме ниту во времето на Титова Југославија.

Во последните неколку години од минатиот век, политичката опозиција и граѓанското општество, со помош на меѓународните фактори, мораа да спроведат операција од невидени размери, со цел диктаторот Туѓман да се симне од власт, заедно со неговата политичка каста, која со земјата владееше цела деценија. Дури со неговата смрт и со доаѓањето на демократската опозиција на власт, ќе се создадат предуслови земјата да излезе од изолација и ширум да се отворат вратите на меѓународното опкружување. Како ретко кој дотогаш, Рачан од Европа и од светот доби сѐ што посака: токму затоа што со својата изборна победа и плебисцитарната поддршка од народот ја затвори вратата на темниот период од Туѓмановото автократско владеење. Загреб тогаш стана посакувана дестинација на евродипломатите, во земјата почнаа да доаѓаат странски инвеститори, банките да даваат кредити, а либералниот и демократски дух целосно ја преплави дотогаш потполно затворената и блокирана земја.

Меѓународните фактори веднаш ќе започнат да го туркаат Рачан кон претпристапните програми на Европската унија: датумот за преговори го доби полесно од било кој. Брисел целосно ја отвори вратата за Загреб. Но, никој не сметаше дека на патот на забрзани преговори за Рачан ќе се отвори еден непремостив проблем – целосна соработка со Хашкиот суд. Од него се бараше веднаш да испорача голем број водечки хрватски генерали. Рачан со нив немаше ништо: војната беше во надлежност на Туѓман и на Хрватската демократска заедница, во која членуваа сите генерали, чие апсење се бараше. Радикалната десница оваа пат позиција во која се најде премиерот, едвај ја дочека – обвиненијата кои доаѓаа од Хаг предизвикаа таков огромен бунт на десничарската групација, поради што тој избра да е во опозицијата, а власта ја препушти на умерениот националист Иво Санадер, кој во почетокот едно ветуваше, а на крајот одработи нешто сосема друго.

САНАДЕР ЕКСПРЕСНО ГО ЗАДОВОЛИ ХАГ

Власта која ја доби, меѓу другото, и под закани од државен удар доколку ги испорача генералите, многу лесно ја трампаше за да не го направи она што од Рачан го бараа Хаг и Брисел. Во замена на поништување на Законот за ревизија на трансформацијата и приватизацијата и безмилосната корупција внатре во својата изборна база, не баш моралниот Санадер, добро ќе го одработи токму она на што силно се противеше во својот познат говор на сплитскиот брег, како лидер на десната опозиција. Во скратена постапка ги испорача сите кои Хаг ги бараше, започна да спроведува кооперативна и помирлива политика кон српското малцинство, ги урна усташките споменици поставени за време на Туѓмановиот режим, расчисти со говорот на омраза кој сосема се одомаќини во јавноста и целосно ја исчисти сопствената партија од недемократските елементи, кои во ХДЗ беа уште од времето на воспоставување на диктатурата на партизанскиот генерал.

Кога денес се опишуваат овие потези, доволни се само неколку реченици, а всушност, се работеше за исклучително тешки години, во кои хрватската јавност прилично тешко беше премостена од военоподбуцнувачки апарат во цивилизиран, толерантен и проевропски систем. Траумите останати од навистина силната српска агресија, оставија голема трага во колективната меморија, која Србите ги помнеше само како непријатели кои сакаат да ги убијат, уништат и окупираат. Тоа бараше долготраен медиумски третман, многу дијалог и политичка волја. Тие години ќе се паметат како исклучително напорни и драматични. Но, резултатите се гледаат и чувствуваат – казнување на воените злосторници и од „нашата” страна, како и целосно исчезнување на говорот на омраза во јавноста, денес се смета за нормално, но без притисок од Европа и Хаг, сосема сигурно сето тоа немаше да биде.

Европската унија ја присили Хрватска да се отвори кон регионот. До тогаш, сите кои живееја преку источната хрватска граница, се сметаа за непријатели, примитивци и потсетници на омразената Југославија. Под притисок на меѓународната заедница, хрватските политичари, во почетокот додуша со кнедла во грлото, мораа да ги посетуваат Белград, Сараево и други главни градови во соседството, а медиумскиот простор се отвори и за оние преку границата, што беше незамисливо во Туѓмановото време. Политиката на учество во делењето на Босна и Херцеговина, под притисок на меѓународниот фактор, беше потполно напуштена уште во време на Рачановиот мандат, па односите меѓу Сараево и Загреб целосно се релаксираа и навистина сето тоа време се чини дека

Хрватска и БиХ се две сосема одвоени држави, кои самостојно ги водат своите политики.

На српското малцинство му се вратени многубројни права, на многумина им се изградени разурнатите домови, а нетрпеливоста медиумски веќе не се искажува и се смета за сосема непристојно однесување. Можеби некому ова не му се чини за преголемо достигнување, но од перспектива на некој кој гледаше како стотици луѓе поради различниот етницитет добиваа откази, беа протерувани од своите домови и станови и чиј живот постојано висеше на конец – ова е вистинска мала револуција во областа на човековите права. Сето ова сигурно не ќе се случеше, доколку меѓународната заедница и Европската унија на ова не инсистираа и со тоа не го условуваа натамошниот напредок на Хрватска во приклучувањето кон евроатлантските интеграции.

БУТКАЊЕТО КОН ЕУ ГИ РАСЧИСТИ КРИМИНАЛЦИТЕ

Сепак, во моментов ни се чинат најголеми исчекорите во борбата против корупцијата. Против премиерот, кој беше на власт до пред две години, токму под притисок на Брисел, се покренати неколку големи обвиненија. И самата владејачка партија е под обвинение за криминално финансирање од црни фондови и за извлекување пари од јавните претпријатија. Секој ден, како на лента, се апсат некои политички функционери и директори на јавни претпријатија и многубројни бизнисмени кои учествувале во криминални и во коруптивни работи. Им се блокираат имотите, а нивните изјави дадени на Државниот обвинител ги преплавуваат медиумите и ја соочуваат јавноста со вистинските димензии на криминалот, кој се беше развил во премиерското време на Санадер и на Косор.

Накратко, се создаде впечаток дека никој не може да биде заштитен доколку е фатен со мармалад на прстите, од премиерот до најниско ниво. Таквата офанзивна битка за заштита на законите создаде атмосфера на страв во која сите се плашат и никој не знае кој е следниот на листата за отстрел. Ваквите офанзиви во борбата против криминалот и корупцијата сосема сигурно ќе ги немаше доколку Хрватска не ја буткаа во Европската унија и доколку таа иста Унија не вршеше притисок во земјата да се спроведуваат законите.

Кога денес се враќа филмот на последните осум години на ХДЗ-овската власт, станува сосема видливо како највисоките државни раководители, од премиерот па надолу, сите по ред, не само што ги прикривале криминалот и корупцијата блокирајќи ја работата на правосудните органи, туку и биле активни учесници во тој ист криминал и корупција. На земјата и на граѓаните им е нанесена огромна штета. Без проактивната политика на Европската унија, која постојано ја набљудуваше ситуацијата, сегашните истраги, обвиненија, апсења и пресуди сосема сигурно ќе ги немаше.

Резултатите од таквата политика се чувствуваат и сега кога Хрватска добива нова власт. Можните министри во владата на Зоран Милановиќ сега се мерат со сосема други аршини: им се проверува секој детаљ од нивната биографија, внимателно се испитува нивниот имот, а особено се проучува дали тие некого или некој нив ги фаворизирал. Потеклото на парите потрошени во кампањата е под посебна лупа – граѓанското општество и јавноста анализираат кој донирал пари и дали новата власт на донаторите ќе им помогне на било кој начин.

Новинарите се особено чувствителни на поставувањето кадри во јавните претпријатија. Се проверува дали новата власт ќе продолжи да фаворизира поединци во постапките на јавни набавки. На политичарите не им се дозволува ароганција во јавните настапи, се анализира секој нивен потег, а особено се внимава дали државните овластувања ќе ги користат за свои приватни цели.

Ништо во Хрватска повеќе не е како што беше. Ефектите од напорите оваа земја да стане дел од Европската унија, не само по својот формален статус, туку и по начинот на живот и осмислување на модерна држава, сепак дадоа огромни резултати. Од мала авторитарна државичка, која се самоизолира поради својата воена политика и обидите за менување на границите, Хрватска стана рамноправен дел на почитуваниот свет, кој може да учествува во креирање на својата иднина. Моментните економски перспективи не се сјајни, но некои други решенија и немаме. Постојат само две можности: или да се учествува во процесите на модерниот и глобализиран свет, или да се биде на опашката и изолиран од промените кои се случуваат секоја секунда и кои е невозможно да се следат ако не си внатре.

Многумина деновиве ја критикуваат Европската унија како организација која е старомодна, приспособена на крупниот капитал, бирократизирана и милитаризирана. Некои од овие етикети држат: но единствен начин Европската унија да се приспособи кон потребите на граѓаните е во Унијата да почне расправа за нужните промени. Ако не сте во Унијата, тогаш не може ниту да влијаете на правецот на можните промени!

 

Туѓмановиот учинок
НЕЗАВИСНА, НО ИЗОЛИРАНА И АВТОКРАТСКА ХРВАТСКА

Туѓман не беше само застапник на независноста, туку, пред сѐ, застапник на договорената војна со Србија на Милошевиќ, учесник во поделбата на Босна и Херцеговина, човек под чие раководство се направи криминален грабеж на некогашната општествена сопственост и нејзина поделба меѓу 200 одбрани фамилии. Неговиот концепт на изолирана, аутистична, недемократска и, со автократска рака водена земја, живееше цели десет години, сѐ до неговата смрт, па секое доближување кон евроатлантските интеграции за него и за неговиот проект претставуваше смртна опасност. Првиот претседател стана меѓународно познат дури после мировните конференции, на кои беше повикуван заедно со воениот злосторник Милошевиќ, а прекројувањето на соседна Босна и Херцеговина е неговиот единствен сериозен „придонес”, по кој ќе остане забележан во историјата на меѓународните односи.

Еден е изборот
ГЛАС ЗА РЕФЕРЕНДУМ – ГЛАС ЗА ПОДОБРА ИДНИНА

Хрватскиот потпис на Договорот за пристапување во ЕУ има важност како одлуката за независност. Со него на земјата и се отворени сосема нови перспективи кои на значителен дел од граѓаните се уште не им се сосема јасни.

Во следните неколку месеци граѓаните на Хрватска ќе мора со референдум да ја потврдат својата согласност за влез во ЕУ. Во овие околности, тоа ќе биде исклучително тешка задача, па за недостатоците и предностите на приклучувањето ќе се говори многу повеќе од порано. Новата хрватска влада ќе мора да вложи огромни напори, во време на криза на самата Унија, да ги увери мнозинството граѓани со својот глас на референдумот на своите деца да им обезбедат подобра иднина. Избор, тоа сигурно ќе покажат и резултатите од референдумот, Хрватска во овој случај нема.

Поврзани новости