Реакции на говорот на Пендаровски

by Fokus

Различни реакции од страна на сите политички партии предизвика годишното обраќање на претседателот Стево Пендаровски денеска во македонското Собрание.

За СДСМ, партијата од која што беше избран на последните претседателски избори неговото обраќање го оценија како државничко.

„ Мнозинството во Собранието со Пендаровски има конструктивен сојузник за концептот на едно општесто, правецот на движењето на земјата, продолжување на реформите и подобрување на квалитетот на животот. Нормално е за некои прашања да имаме различни гледишта, но тоа е демократија. Очекуваме дека и во иднина заедно со претседателот ќе работиме на реформите важни за граѓаните и за државата, истакна Јован Митревски,  координатор на пратеничка група на СДСМ.

За разлика од нив, ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека тој не успеал да се отргне од сенката од Заев.

„Тој не успеа суштински да се отргне од сенката на Заев и од политичкото блато во кое ја донесоа државата. Пендаровски не е никаква кочница на власта која е закопана во криминал, корупција и безидејност“, вели Владо  Мисајловски, пратеник и потпретседател на „вмровците“.

Од ДУИ пак велат дека се согласуваат со се што истакна Пендаровски пред пратениците.

„Се согласуваме исто така кога претседателот вели дека клучните реформи во различни сектори ни требаат за нас, не за другите, и навистина така и треба, и така размислуваме и така работиме, бидејќи сакаме да постигнеме повисоки стандарди и подобар живот за нашите граѓани“, вели Арбер Адеми- шеф на пратеничка група на ДУИ.

Според Алијанса за Албанците, Пендаровски се согласува со дел од нивните констатации, меѓу кои и дека во државата нема реформи.

Пратениците од  Левица одбија да присуствуваат на седницата, односно како што велат формалистичкиот театар на шефот на државата.

 

 

Поврзани новости