Влезот на Македонија во НАТО алијансата неспорно би бил успех на нашата дипломатија, но потенцијалниот влез во оваа институција мора да биде проследен со јасни вредносни позиции на нашата држава во однос на низа прашања во меѓународното право и меѓународните односи.
Интервенцијата во Ирак од 2003-та година е нелегална и не е во согласност со Повелбата на Обединетите Нации, изјави поранешниот генерален секретар на ОН Кофи Анан една година по почетокот на војната. Дополнително, специјалната комисија за Ирачката војна во Британија (Chiclot извештајот) заклучи дека Британија влегла во воената интервенција во Ирак пред да ги истроши сите можни мирни решенија кои и биле на располагање за разоружување на режимот на Садам Хусеин. Понатаму извештајот тврди дека премиерот Тони Блер во јавноста презентирал поголема закана од Ирачкиот режим од реалната во обид да изгради поцврст случај за интервенција во 2003 година.
Ирачката војна е најголемата воена интервенција во првата декада на 21-от век (Lebow, 2008) со разорувачка моќ која можеби најдобро се гледа од 12 133-те цивилни жртви кои ги бележиме само во 2003-та година. Ирачката интервенција беше предводена од администрациите на претседателот Буш и премиерот Блер под чадорот на борбата против тероризмот. Денеска знаеме дека воените интервенции по 11ти Септември (во Авганистан, Ирак и Пакистан) донесоа преку 370 000 жртви како директен резултат на војната и околу 800 000 индиректни жртви. Дополнително до 2016 година имаме над 10 милиони бегалци и раселени лица а пак буџетските трошоци за истите само врз Американскиот буџет се околу 4,8 трилиони, заклучува инстражувањето на Браун Универзитетот.
За војната во Ирак од 2003-та година САД никогаш не добива експлицитна поддршка од Советот на безбедност оставајќи ја администрацијата на Буш без меѓународно правна подлога за воена интервенција. Во недостатокот на таква правна основа, а со цел да се сруши режимот на Садам Хусеин и со тоа да се отстрани воената „закана“ кон нив САД градат коалиција на држави кои се подготвени воено да интервенираат, а дел од нив и да ја прифатат нормата на превентивна самоодбрана која во тоа време ја промовира Американската администрација и да делуваат согласно таа норма.
Концептот на „превентивна самоодбрана“ никогаш не беше прифатен во меѓународниот правен поредок. Недостатокот на правна основа за интервенција беше и една од причините зошто дел од НАТО членките не ја поддржаа Ирачката интервенција. Имено, оваа норма САД во случајот на Ирак се обидоа да ја промовирааат како екстензија на членот 51 од Повелбата на ОН кој зборува за правото на државите да се одбранат (индивидуално или колективно) во случај на вооружен напад врз нив. Буш и неговиот правен тим се обидоа да докажат дека во време на закана од глобален тероризам оваа одредба треба да се чита екстензивно и да овозможи правна основа за воена интервенција дури и кога нема случај на вооружен напад но има закана од таков напад. Оттаму САД пробуваат да ја убедат светската јавност за важноста на „правото“ на превентивна самоодбрана.
Доаѓам до поентата дека токму Р. Македонија во 2003-та станува дел од коалиција на четириесетина држави кои ја подржуваат Ирачката интервенција и допринесуваат на некаков начин во неа. Тогашниот претседател Трајковски најавувајќи ја Македонската поддршка за коалицијата на 20ти Март 2003 година изјавува: „ Ја користам оваа можност уште еднаш да ја потврдам припадноста и поддршката на Република Македонија на оваа коалиција, делејќи го уверувањето дека режимот на Садам Хусеин е директна закана за светскиот мир и безбедност“ – што упатува на тоа дека политичкиот врв ја застапувал реториката на САД за легитимација на интервенција во Ирак.
Особено важно е што ние сме една од државите кои учествуваа во обидот да се етаблира таа норма за превентивна самоодбрана во меѓународно правниот систем и денеска мораме како држава да одговориме на прашањето дали сеуште ја поддржуваме оваа норма и преседанот направен со оваа воена интервенција?
Интервенцијата во Ирак имаше сериозна опозиција во актерите на меѓународната сцена (пред се ОН, НАТО, и од мнозинството држави во светот) кои не застанаа во поддршка на нормата за превентивна самоодбрана и другите правни основи за интервенција. Предложената широка интерпретација на членот 51 од Повелбата не беше прифатена а за етаблирање на нормата не помогна и фактот што коалицијата по падот на Хусеин не пронајде оружја за масовно уништување во Ирак. Денеска во меѓуанародното право оваа норма не е прифатена, а тоа се добри вести.
Секако, легитимно можете да го поставите прашањето зошто е ова важно 14 години по почетокот на војната во Ирак и во ситуација кога Македонија има бројни други предизвици во полето на меѓународните односи.
Денеска Македонија има нова влада која ентузијастички го најавува новото лице на нашата држава. Во програмата на Владата видливо е приоретизирањето на влезот на Македонија во меѓународни институции, политики со кои јас се сложувам. Тоа што според мене е најважно за Македонија да има вистински придонес кон тие институции е да расчистиме самите „дома“ кои се вредностите кои сакаме да ги застапуваме во нив и кои ни се важни нас како едно општество. За да ја илустрирам поентата ќе го земам за пример нашиот влез во НАТО алијансата.
Влезот на Македонија во НАТО алијансата неспорно би бил успех на нашата дипломатија, но потенцијалниот влез во оваа институција мора да биде проследен со јасни вредносни позиции на нашата држава во однос на низа прашања во меѓународното право и меѓународните односи. Токму затоа потсетувањето дека Македонија учествуваше во етаблирањето на нормата за превентивна самоодбрана кога дел од институциите во кои сакаме да членуваме се спротиставуваа на истата треба да ни биде сигнал да отвориме сериозна дебата за дел од нашите политики во меѓународните односи. Всушност можеби Македонија сеуште ја поддржува оваа норма, имајќи на ум дека постои недостаток од јавно достапни информации за нашиот моментален став по ова прашање. За иронијата да биде поголема, дури и во САД (државата која се обиде да ја промовира нормата) администрацијата на Обама ги промени стратешките документи кои ја оправдуваа нормата за превентивна самоодбрана со поприфатлива правна аргументација.
Но, не фали одговор само за ставот на Македонија за оваа норма. Ние мораме да дадеме одговор и на други важни прашања, како на пример: дали подржуваме хуманитарни интервенции, која е нашата нормативна рамка кога станува збор за бегалската криза, или пак кој е нашиот вредносен суд за учеството на Македонија во темната практика на тајните центри за „испрашувањe“ на ЦИА во рамките на војната против тероризмот. Имено токму нашата држава беше осудена во Стразбур за сериозни прекршувања на Европската Конвенција за Човекови Права во случајот на Ел-Масри.
Одговорите на овие и други прашања кои вклучуваат некоја вредносна рамка ќе и даде на новата Влада јасен патоказ за однесувањето и политиките кои Македонија може да ги спроведува внатре во НАТО институциите. Со ваквото нормативно позиционирање ќе му се даде и дополнителна шанса на моменталниот политички естаблишмент да ги адресира дел од забелешките на левичарскиот политички блок во однос на начинот на кој Македонија ќе ги води своите надворешни политики во НАТО, и во какви воени интервенции и мисии ќе учествува.
Вредносното (ре)обмислување на нашата надворешна политика треба да се одвива во сите пори на нашата дипломатија. На пример, новата програма на Владата зборува за подобрување на животната средина во Македонија и намалување на загадувањето а во исто време Македонија е потписник но за жал сеуште не го ратификувала Парискиот договор за климатски промени. Ова е одличен пример за норма (заштита на животната средина) која ние како држава треба да ја прифатиме, да ја канализираме во политичките процеси и да ја промовираме бидејќи е важна и за нашите домашни но и за меѓународните процеси.
Познатиот конструктивист Николас Онуф вели: „градиме светови кои ги знаеме во свет кој не го познаваме“. Македонија во моментов е доволно зрела да отвори дискусии за вредностите кои не дефинираат нас како општество и со кои сакаме да бидеме забележани во меѓународните односи. Влезот на Македонија во меѓународните институции е добра прилика да започнеме да го градиме нашиот свет кој ќе биде втемелен на вредности во чија рамка ќе ги носиме значајните одлуки.
Автор: Лазар Поп Иванов
м-р по меѓународни односи на King’s College London
м-р по меѓународно право на Правниот Факултет „Јустинијан Први“ – Скопје