Ромската заедница разочарана од Заев, СДСМ може да ги загуби нивните гласови

by fokus 12:50
12:50

Невладините организации на Ромите упатија отворено писмо до премиерот Зоран Заев во кое бараат “Ромите директно да учествуваат во одлучувачките процеси и да придонесуваат  во развојот на демократијата”.

Во писмото се вели дека тие се загрижени и разочарани поради тоа што меѓу предложените заменици-министри нема ниту еден припадник на ромската заедница.

- Advertisements -

Ромите предупредуваат дека СДСМ би можел да ги загуби гласовите на Ромите на локалните избори и го потсетуваат Заев дека добил силна поддршка од ромската заедница на изборите. Тие во писмото се пожалиле дека за возврат добиле само еден министер без ресор што кај нив “креира чувство дека состојбата на Ромите во Република Македонија се уназадува односно влошува”.

“Бараме претседателот на новата Влада да ја преиспита својата одлука по однос на распределбата на функциите во државата. Се надеваме дека во предвидените планови за инклузија на Ромите во општеството и во јавните институции, се предвидува назначување на Роми/ки на раководни функции во државните институции кои се од витално значење за унапредување на положбата на Ромите во Република Македонија. Очекуваме дека и нашите претставници во извршната власт и законодавна власт – Пратеникот Курто Дудуш и Министерот без ресор Самка Ибраимовски да реагираат на ваквата одлука и јавно да ги застапат интересите на Ромите пред институциите”, се вели во писмото.

На последните избори околу 70 отсто Роми гласале за СДСМ и ПЦЕР, партијата на Ромите. Писмото носи потписи на 79 интелектуалци и активисти, а нивниот број се зголемува.

Поврзани новости