Растена сум и воспитувана да ги препознавам, ценам и практикувам вистинските вредности во животот. На секој човек му посакувам се најдобро, па така и на мојот поранешен сопруг Даниел Кајмакоски – за „Фокус“ вели моделот, а од неодамна и пејачка Кристина Димитри, откако нејзиниот поранешен сопруг за прв пат по разводот кој се случи пред три години, објави фотографии со новата партнерка.
Кајмакоски (38) веќе подолг период, откако се раздели со Кристина со која го имаат синот Давид, живее во Белград. Во времето додека беа во брак, сликата за нивниот заеднички живот делуваше идилично, па затоа веста за разводот дојде како изненадување.
Не ги открија причините за разделбата, но во јавноста останаа запаметени обвинувањата од страна на Даниел за негово наводно труење со кафе кое му го дала поранешната сопруга.
Сепак, според Кристина, која набргу по разводот се сврте кон кариерата и е постојано ангажирана со настапи низ земјава, приказната со Кајмакоски е завршена и таа продолжила со животот, амбициозно и професионално свртувајќи се кон музиката.
-Разводот е документ кој објаснува сам по себе што значи, тоа е воедно крај на една приказна. Додека бевме во брак, јас сосема се повлеков и никогаш не излегував во јавност. Тоа значи дека за мене приватниот живот е навистина приватност која ја чувам за себе колку што можам. Како и да е, тоа е една завршена етапа во мојот живот – вели таа.
Додава дека заедно со музичарот Боно и нивниот тим Лолипоп работат вредно и окупирани се со настапи и снимања на нови материјали.
-Премиерно за неколку дена излегува новиот кавер кој го снимивме со Иван Јованов, а за видеото е задолжена Ред Централ Продукција, раскажува Кристина, која летово го мина како една од најангажираните пејачки во нашите клубови, заедно со диџеј Боно.
Таа ја започна својата кариера како модел уште на свои 15 години и освои голем број на титули на разни натпревари за убавина. Сега, откако целосно е свртена кон музиката, има голем број на следбеници и е доста популарна помеѓу младите генерации.
Во претходно интервју за „Фокус“ раскажа дека е посветена на синот Давид, а истовремено и благодарна на своето семејство, кое и дава безрезервна поддршка како на самохрана мајка.
Вики Клинчарова