Мицкоски пак го повика Ковачевски на дуел, СДСМ му одговори дека треба работа, не дебати

by fokus

Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски пак го повика на дуел премиерот Димитар Ковачевски на било кој медиум и било кое време.

-Повторно молк, немаме одговор од Ковачевски, ниту од владата за мојата понуда пред граѓаните јавно да зборуваме бидејќи во овој случај не е важен ниту Димитар Ковачевски, ниту пак сум јас важен, ниту пак било кој од нас е над интересот на граѓаните и државата, и затоа понудив да излеземе јавно транспарентно да избере време, да избере медиум, јас таму ќе го чекам, го повикувам и сега еве овде од Јегуновце да не дезертира бидејќи тоа му е вообичаена пракса изгледа во неговиот живот да дезертира, еве да не дезертира во овој пат да излеземе и се соочиме пред граѓаните па граѓаните нека одлучат кој ја говори вистината а кој не, нагласи Мицкоски.

Од СДСМ му порачаа на Мицкоски најавената конструктивност да ја покаже во Собрание, потребна е работа, за дебати има време.

-Граѓаните очекуваат работа и резултати. Наместо празни зборови, Христијан Мицкоски најавената конструктивност треба да ја покаже внтрае во Собранието. Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ да се откажат од блокадите и деструкциите, да бидат усвоени Законот за енергетика, Законот за нафта и нафтени деривати и уште над 50 други законски решенија. Што се однесува до предлозите на Мицкоски за енергетиката тие досега се само обичен сублимат на изјавите на претседателот на СДСМ и премиер, Димитар Ковачевски, се вели во реакцијата на СДСМ.

 

Поврзани новости