Разумен сомнеж: Зелен рекет

by fokus 19:45
19:45

Кај нас, убеден сум дека дополнителните средства ќе се искористат за партизирани војници, по триесет советници на директор или министер, нови возила од 40.000 евра за јавни претпријатија загубари, додека товарот на борбата ќе го водат Здруженија на граѓани, како О2 Коалиција, Го сакам Водно, Не биди ѓубре, БИЛКА и слични

Јанаки МИТРОВСКИ

- Advertisements -

Бензините во Македонија од неделава се повисоки за три денари поради воведување на таканаречената зелена такса, од кои средства владата ќе се бори за поздрава животна средина. Како дел од Здружение, чија секундарна цел се и зелени политики, би требало ова да ме радува. Како рационален човек, пак, сум суперскептичен и ич, ама ич не ѝ верувам на владата дека овие средства, кои ќе се мерат во десетици милиони, ќе бидат искористени  за подобрување на животната средина. И имам целосно право на тоа.

НЕ ВЕРУВАМ…

Не верувам, бидејќи оваа влада дозволи влез на опасно масло шверцано како мазут, што носи несогледливи последици по нашето здравје. Не им верувам, бидејќи под европско знаменце ќе протуркаат повторно да може да се увезува опасен отпад на наша територија, иако тоа е во директна колизија со ЕУ политиките, каде што е тоа децидно забрането.

Не верувам, бидејќи општините под раководство на владејачката структура, најконкретно Центар и Град Скопје, продолжуваат со сеча на зелена површина. Нормално, шефот на кабинет за драпање гениталии, сега не се врзува за дрвја со цел да ги спаси, туку нѐ убедува дека тие биле болни. Зелената површина во Дебар Маало е намалена од 40 отсто во 1990 година на само 6 отсто во 2020 година и за тоа одговорност сносат сите локални власти од деведесетта, наваму.

За жал, и на светско ниво, зелените политики се во добар дел претворени во бизнис. Пред седум осум години имаше перфиден обид во САД да се воведе carbon tax, односно буквално оданочување на воздухот. Тоа што едниот од главните протагонисти, поранешниот потпретседател на САД АЛ Гор си имаше веќе основано компанија со почетен капитал од 100 милиони долари, која би продавала воздух (буквално) додека црташе жаби и нѐ убедуваше дека мразот на Антарктикот ќе се стопи до 2013 година, секако не е за занемарување.

ИСКУСТВАТА НА СОСЕДИТЕ

Најдобра пракса за зелено рекетирање имаат нашите соседи од Бугарија. На истиот принцип кај нив струјата енормно се зголеми. Активисти од Бугарија водеа кампања наречена „Стоп за зеленија рекет“. Се сеќаваме и дека имаше протести по кои падна и самата влада. Кај нас се голта сѐ што ни се сервира, па дури и кога не е намотано во фина обланда.

Никој здрав не сака да загадува. Во Македонија годишно умираат по 2000 луѓе од загаден воздух, со таа разлика што сега не го гледаме Никола Гелевски хистерично да вреска на истата тема, како пред пет- шест години. Никој здраворазумен не сака климатски промени кои би влијаеле на биодиверзитетот и слично. Но, политиките што се спроведуваат се повеќе од очигледни. Предлог-законот за оданочување воздух во САД предвидуваше дека ако надминете одредена емисија на CO2, треба да платите. Значи загадено е, ама смеете да продолжите да загадувате доколку за тоа платите. Буквално оданочување на воздухот.

Кај нас убеден сум дека дополнителните средства ќе се искористат за партизирани војници, по триесет советници на директор или министер, нови возила од 40.000 евра за јавни претпријатија загубари, додека товарот на борбата ќе го водат Здруженија на граѓани, како О2 Коалиција, Го сакам Водно, Не биди ѓубре, БИЛКА и слични.

Поврзани новости