Принципиелно, сметам дека бегалците од Авганистан треба да ги згрижат тие што ја направија оваа пиздарија, пред сѐ САД. Ветувањата дека трошоците за нив ќе ни бидат платени, не ми значат ништо, бидејќи ги изнаслушавме за време на бомбардирањето на Југославија во 1999 година
Јанаки МИТРОВСКИ
Во 2001 година, по крајно сомнителните напади на кулите близначки, надворешната политика на САД почна да биде водена од доктрината war on terror, наводно диктирана од потпросечно интелигентниот Џорџ Буш Јуниор, а, всушност, агресивна геополитичка стратегија на масивниот воено-индустриски комплекс на САД, на кој идентично како на вампир постојано му треба крв за да преживее.
Војната продолжи против Ирак, кој наводно имаше оружје за масовно уништување, што се покажа како голема лага во функција на политиката. Другото е историја. Ирак стана извор и база за исламски фундаменталисти, во голема мера основани и финансирани токму од разузнавачките агенции на Западот, а сѐ во служба на сопствената агенда.
НАПАДИТЕ ОД 9/11
Нападите од 9/11 беа преттекст за носење на т.н. Патриот акт, кој го подрива Уставот на САД и согласно кој доколку разузнавачкиот сектор само ако ве означи како терорист, можете да завршите на Гвантанамо и да бидете држени буквално бескрајно, без пристап до правна помош, без контакт со семејство. Овој акт дава право на Големиот брат и на апсења без налог, увид во електронска и друга комуникација, надгледување и слично. Диктаторски влажен сон.
Во окупацијата на Авганистан, за жал, учествуваа и македонски војници, без за тоа да бидат прашани македонските граѓани, бидејќи нашите политичари имаат децениска пракса на увлекување во задниците на своите газди од запад или исток, сеедно. Многумина македонски граѓани, во потрага по гола егзистенција и работеа во Ирак и во Авганистан, и тие луѓе не ги обвинувам ни малку.
Дваесет години и трилиони долари подоцна, САД ги повлече своите војници од Авганистан, оставајќи хаос зад себе. Над триста илјади војници и полицајци, дел до Авганистанскиот безбедносен апаратус, дополнет со милијарди вредна опрема колабираше за помалку од месец дена, оставајќи ја сета опрема во рацете на талибанците. Дали е тоа случајно или не, времето ќе покаже.
НЕПОТРЕБНА ОМРАЗА
Македонија ќе згрижи неколку стотици Авганистанци, привремено додека за нив се најде решение. Тоа е барем официјалниот став. Овој став наиде на лавина омраза, сосем непотребно, делумно и од квазилевичарски кругови, на кои барем солидарноста треба да им е главна одлика. Тие луѓе сонуваат за многу поубави држави, не за Македонија, и ако не ги однесат, самите ќе си заминат. Затоа нема потреба од никакви тревожења.
Но, принципиелно, сметам дека треба да ги згрижат тие што ја направија оваа пиздарија, пред сѐ САД. Ветувањата дека трошоците за нив ќе ни бидат платени не ми значат ништо, бидејќи ги изнаслушавме за време на бомбардирањето на Југославија во 1999 година. А и парите не значат ништо доколку со нив се помогне на напатен народ. Но, се помага на разузнавачко-квинслишкиот сектор! А на тие што останаа во Авганистан под власт на луѓе што живеат во камено доба, јадна им душа!