РАЗУМЕН СОМНЕЖ: АМНЕСТИЈА ЗА СИТЕ

by fokus

Убеден сум дека и последнава епизода со Уставниот суд е добро смислено сценарио и дил меѓу власта и опозицијата, како да се спасат и останатите кримоси што досега не успеаја да ги спасат. Се глуми запрепастеност од уставните судии, кои не се потрудија да ги санкционираат поради евидентното мешање на политиката во нивниот избор и работа.

 Пишува: Јанаки МИТРОВСКИ

Си седевме некни со сопругата на нашата тераса, пиејќи го попладневното кафе, додека времето сѐ уште беше релативно топло, кога одеднаш слушам викање. „Амнестијаааа, амнестијаа за сите“. Подавам глава преку ограда, кога гледам тоа да бил нашиот премиер Зоран Заев. Оди по улица и вика „амнестијааа“ на цел глас. Нуди ли нуди, дели амнестија и со пари и без пари, да ти е мерак да се пријавиш.

Види беља, чудново однесување на премиерот да се поклопува со покренувањето иницијатива на Уставниот суд за утврдување на  уставноста и законитоста на член 11-а од Законот за помилување, со кој член се дозволи претседателот на Републиката да може да укине еднаш донесена аболиција.

ДВЕ ОПЦИИ, А БЕНЕФИТ ОТАДЕ ДУНАВ

Шегата настрана, состојбата е пресериозна. Опциите се две, и се анализирани многупати. Ако Судот го поништи овој член, тоа ќе значи пукање на шампањско во штабот на ДПМНЕ, и неспорно поранешното раководство на најголемата опозициска партија ќе има најмногу бенефит од ваквата одлука. Но, доколку Уставниот суд само го укине членот, е тогаш, веќе водата оди на друга воденица. Воденица со адреса на Бихаќка.

Бидејќи доколку членот само се укине, а не и поништи, тоа значи дека во иднина претседателот, како Пендаровски на пример, нема да може еднаш дадената аболиција да ја повлекува. Но, да би биле објективни, пред сѐ тргнувајќи од составот на судии, кој ја форсира и кој гласаше да се отпочне иницијатива, бенефакторите не ќе да се во СДСМ, туку малку посеверно од Македонија, отаде Дунав.

Составот на Уставен, оние пет партиски послушници треба да се предмет на посебна опсервација. Ниту еден од нив не ги исполнува, ниту моите, ниту ничии минимум критериуми да биде портир, а не нешто повеќе во Уставниот суд. Елена Гошева беше извадена од нафталин само за да биде партиски извршител на ваков тип валканици. Оваа госпоѓа е персонификација за сѐ што не чини во судството. Наместо да си ја работи работата што не ја заслужила, госпоѓата се грижи за кутрите обвинети што страдале. Веројатно од милионите што ги издрпаа супер заштитени од јатаците во судството.

Но, триесетгодишното мачно квази плуралистичко искуство нѐ научи да бидеме внимателни и да се сомневаме во сѐ што се истура од поганите усти на политичарите. По сѐ што се случи во изминативе две години, едноставно не верувам дека и последните настани се случајност. Имено, од владејачката партија и нивната коалиција знаеја дека постои ваква иницијатива уште кога беше и поднесена во Уставниот суд, или прецизно – пред три години. Што ги спречи пратениците од владејачкото мнозинство досега да дејствуваат, а не сега во минута до дванаесет панично да се бараат решенија?

Евидентно е дека бипартизмот во Македонија совршено функционира. Зар некој верува дека нема дил меѓу СДСМ-ДПМНЕ за негонење? Зар некој верува дека на СДСМ му требаа две и пол години да го смени Јово, и тоа ОТКАКО истиот избоксува погубно правно мислење со кое ќе ги потопи предметите на СЈО, кога ќе стасаат во Врховен, а ќе стасаат речиси сите?

Дали е некој наивен, или дали воопшто ни треба признанието на професор Дескоска дека пратениците одметнати од ДПМНЕ гласале за промена на Уставот освестени и подготвени да ѝ помогнат на државата, или од себични цели? Со таа цел го сменија и Кривичниот законик и ја намалија минималната казна за злоупотреби од пет на четири години, сѐ со цел синчето на пратеничката Авировиќ да куртули со условна. Воедно, во овој предмет е и евидентен притисокот на политиката врз судството. Што ѝ менува толку оваа измена на Апелација, па му ја преиначи од две години затвор на условна, наместо едноставно да ја потврди кога веќе не утврдува суштествена повреда или погрешно утврдена фактичка состојба?

МИЈАЛКОВ СИ ГАЗИ И ОТВОРА КАЗИНА

Од сето погоре наведено зачинето со повеќедецениско искуство на пре*бување народ убеден сум дека и последнава епизода е добро смислено сценарио и дил меѓу власта и опозицијата, како да се спасат и останатите кримоси што досега не успеаја да ги спасат, притоа глумејќи запрепастеност од уставните судии, кои не се потрудија да ги санкционираат поради евидентното мешање на политиката во нивниот избор и работа.

За другите е познато. Мијалков си гази, отвора казина и кладилници и е веќе во отворена коалиција со СДСМ. Веројатно ќе следи и финансирање на нова партија, која ќе му направи објективни проблеми на ДПМНЕ, кое, доколку Мијалков се реши на таков чекор, ќе се соочи со недостиг од финансии. А изборите ги добиваат ПАРИ, а не програми, идеи или идеологии. Пари и медиуми, што е помалку или повеќе, едно те исто.

Груевски си ужива во убавините на Пешта, се слика со старлети и повремено глуми лудило на Фејсбук. А зашто и не би, откако убаво одработи за референдумот, го пуштија да избега. Секако не пред да испразни двесте илјади евра од своите сметки, потег кој по силата на законот покренува постапка од финансиска полиција, и аналогно барање притвор од страна на тогаш, овластениот тужител – СЈО. Но, тоа е веќе завршена приказна и повеќепати анализирана од моја страна.

Крсто и компањоните, не само што не видоа сериозен затвор, туку сега се во улога на Европејци. Јад да те јаде како високи претставници на ЕУ и НАТО се сликаат со Крсто и компанија, па ги тапшаат, па ги уважуваат. Но, за да не остане Крсто гладен, се грижи и владата на Зоран Заев, тук-таму полнејќи го мешето на Крсто со тендери, што државни, што општински. Тоа што отвори врати и пушти во Собрание организирана орда да ги тепа пратениците е НЕНАСИЛЕН акт, ако ја прифаќаме логиката на Заев. А не ја прифаќаме, или барем, јас не ја прифаќам.

Амнестија ќе има за сите кримоси начукани во СДСМ-ДПМНЕ и нивните сателити. Амнестија ќе нема за обичните извршители на 27 април, кои беа доволно глупави да им веруваат на апашиве. А да, амнестија ќе нема и за оној јадник што украде сто и педесет ќебапи. Судот вика бил рецидивист. Па, ние триесет години гледаме политичко криминален рецидивизам!!!

Поврзани новости