Нокаут за веќе паднатото судство, поголема банда од судиите-членови на Судски совет нема.
Ова се дел од реакциите на стручната јавност откако денеска седум членови на Судскиот совет на чело со потпретседателот , Селим Адеми, ја разрешија претседателката на Судски совет откако самата одби да поднесе оставка.
Универзитетската професорка, Ана Павловска – Данева на својот Фејсбук профил реагира дека утре може да се случи вицепремиерот да му го одземе зборот на премиерот и да продолжи да ја води седницата.
-Денес потпретседателот на Судски совет и го одзеде зборот на претседателката на Советот и продолжи да ја води седницата, па ја разреши спротивно на Закон и Деловник. Сите молчат! Утре може да се случи првиот (или вториот, третиот…) вицепремиер да му го одземе зборот на премиерот и да продолжи да ја води Владата! Сите пак ќе молчат! И него ќе го пуштат низ вода. Битно нивните функции, паушали, хонорари да останат нечепнати, пишува професорката.
Адвокатката Сузана Јошевска Анастасовска пишува дека ако претседателка на вакво тело може да се разреши како претседателка на куќен совет, судиите треба да се запрашаат дали овој состав теба да одлучува за негова одговорност и како бил заштитен тој судија.
-Драмата во Судски совет задава нокаут на веќе паднатото на колена судство. Ако претседателка на ова тело може да се разреши како да е претседателка на куќен совет, надвор од секоја процедура, со насилие и пуч во телото, секој судија треба да се запраша дали овој состав треба да одлучува за негова одговорност и напредување во кариерата. И како би бил заштитен тој судија??? Уште веднаш треба со изјава да излезат сите претседатели на првостепени и апелациони судови, Врховниот суд, Управниот суд, Вишиот управен суд и Здружението на судии со реакции за денешниот скандал.”Борбата продолжува, ќе биде уште полошо”- рече Дамева на заминување. Колку полошо може од ова?!, реагира адвокатката.
Универзитетската професорка, Мирјана Начевска пак е кратка и прецизна, поголема банда од судиите членови на Судскиот совет нема.
-Тоа се партиски војници назначени на овие функции единствено со цел да го штитат криминалот на партиските челници. Дајте бре луѓе да се тргнат сите судии и јавни обвинители, а прво овие од советот, пишува Најчевска.
Откако самата одби да поднесе оставка, Адеми со помош на колегите Милазим Мустафа, Мирсад Сурои, Ханиф Зендели, Лорета Георгиева, Павлина Црвенковска и Сашо Георгиевски, гласаа за нејзино разрешување.
Дамева, пак, рече дека ова е противзаконски и додаде некои лица од политиката ќе бидат задоволни.
–Благодарам многу, ме спасивте, ако е тоа последното, бидејќи ова одлука ќе биде противзаконска, но очигледно треба да бидат исполнети некои желби. Одлука донесена на ваков начин во присуство на претседател на Судски совет со гласање од седум гласа каде што нема ниту предвидено основа за разрешување на претседател, а особено нема и број на гласови со кои се носи одлуката, заменик-претседател си зема за право да констатира престанок на функцијата претседател на Судски совет со што го одзема мандатот. Јас навистина не знам ова како ќе заврши освен што одредени лица од политиката ќе бидат и тоа како задоволни ако во успеат ова. Јас не се откажувам, битката продолжува и многу работи може да бидат уште полоши, рече Дамева.
Членовите кои бараа разрешување на Дамева тврдеа дека таа го криела писмото што го испрати амбасадорката Анџела Агелер до судските и извршните власти, правела раздор и се однесувала како институцијата да е нејзина, додека Дамева тврдекаше дека тоа е поради сензитивни точки поврзани со одговорност на судии кои требало да ги стави на дневен ред и за разрешување на судии.
Никој денеска јавно не потврди, ниту демантирашње дека причина е ставањето во процедура на седница постапката за разрешување на судијата Енвер Беџети, кој девет месеци го држел предметот „Таргет-Тврдина“ во кој обвинет е Сашо Мијалков.
Ф.Ф.С.