Разрешениот апелационен судија и поранешен претседател на Апелациониот суд во Скопје, Јордан Митриновски, во понеделник треба да се појави пред Судскиот совет заради повторување на постапката за негово разрешување, откако пред две години ја доби пресудата од Стразбур, објави порталот „Макфакс“.
Како што потврдил за Макфакс претседателот на Сускиот совет, Зоран Караџовски, седницата на Комисијата е закажана за 10 часот, а по барање на Митриновски е отворена за јавност.
– Судскиот совет не може да води постапка против мене и треба да ја запре постапката. Не само што не е надлежен за тоа, туку не смее да носи одлука на моја штета, кога веќе Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) во Стразбур пресуди во моја корист“. Вели дека нема статус на судија и не може Судскиот совет да води постапка против него – тврди Митриновски.
Европскиот суд за човекови права во Стразбур на 30 април 2015 година ја прифати жалбата на Митриновски против Македонија бидејќи оцени дека бил разрешен од функцијата претседател на Апелациониот суд во постапка која не обезбедила фер и правично судење.Исто така, беше утврдено дека Судскиот совет не бил „непристрасен и независен“ во неговиот случај. На разрешениот судија му беа доделени 4.000 евра како нематеријална штета, како и 1.230 евра за трошоци во постапката.
Митриновски беше разрешен во 2011 година поради одлуката на советот со кој тој претседавал да го пушти во домашен притвор тутунскиот бос Бајруш Сејдиу.