Разрешен Стојанче Рибарев – судија во Врховниот суд

by fokus

На денешната седница на Судскиот совет освен судскиот поротник, разрешени биле и судијата во Врховниот суд, Стојанче Рибарев и судијката од Апелацискиот суд во Штип, Сузана Здравева, дознава Фокус од извори во Судскиот совет. Рибарев е судија од Штип, а во 2016 година беше избран за Врховен судија во Одделот за граѓански дела.

Рибарев по неколку месеци откако стана судија во Врховен суд, беше в.д. претседател на Кривичниот суд, кога се процесуираа предметите на Специјалното јавно обвинителство. Но од таму сам си поднесе оставка, а неофицијално тогаш се објавуваше дека бил на распит во предистражна постапка за злоупотреба на АКМИС-системот во Kривичниот суд, но потоа официјално беше сведок во овој случај против поранешниот претседател на Кривечен, Владимир Панчевски кој е осуден за АКМИС-системот.

Според неговата биографија само една година откако е избран за судија во Основниот суд за граѓанска материја, во 1997 година станува претседател на овој суд. Три години подоцна, во 2000 година, станува член на телото што ги избира и ги разрешува судиите, Судскиот совет.

По завршувањето на мандатот во Судскиот совет во 2002 година, Рибарев се враќа во Штип, но како судија во повисокиот, Апелациски суд, во граѓанскиот оддел, а во 2008 година станува претседател на штипскиот Апелациски суд. Таму останува до изборот за судија во Врховен суд, во септември 2016 година. По краткото претседателствување со Кривичниот суд, Рибарев се враќа во Врховен.

Освен Рибарев, разрешена е и судијката Сузана Здравева од штипска Апелација која работела на граѓанска област.

Ф.Ф.С.

Поврзани новости