Ленче Кукиќ: Немавме време да мислиме дали ова е крајот и се препуштивме на Господ!

by fokus

Страшно искуство… Преживеавме моменти опишани во песните, ни на јаве, ни на сон… Буквално, како да бевме во два света. Во тие моменти, всушност немавме време да размислуваме дали ова е крајот, едноставно се препуштивме на Господ – вака за ,,Фокус” ја опишува борбата со корона вирусот фолк пејачката Ленче Кукиќ, која заедно со нејзиниот сопруг, музичарот Горан, по петнаесет дена на кислородна поддршка и неколку месечно опоравување, повторно му се враќаат на нормалниот живот.

Инфекцијата им се случила во месец април, но се уште траело нивното заздравување од тешките последици од болеста.
Вели дека поминале тежок период борејќи се за здив, и дека едвај се извлекле.

-Цели петнаесет дена бевме на кислород со Горан. До толку ни беше лоша ситуацијата, што еве и по неколку месеци, ние се уште закрепнуваме. Да се опоравиме, па потоа и ќе се вакцинираме. Сега се трудиме со здрав начин на живот да си ја вратиме силата, полека се движиме напред, во добар правец. Овој вирус е навистина непредвидлив, народот мора да биде внимателен, да се заштити – вели популарната пејачка.

Додава дека во периодот кога се бореле за здив, голема надеж им давал персоналот во болницата Осми Септември во Скопје. Ги нарекува херои на денешницата и преблагодарна им е за се што сториле за нив, во периодот кој никогаш нема да го заборават.

-До небо сме му благодарни на медицинскиот персонал од инфективно одделение. Тие навистина несебично ни даваа надеж дека сето ова ќе помине, во моменти кога бевме на работ на силата. И навистина, помина најлошото. Започнуваме да се подготвуваме за враќање на сцената, не чекаат настапи и гостувања. Во план ни се многу музички изненадувања за нашата публика, како што се вели, само здравје, па се ќе си дојде на место – ни изјави Кукиќ.

Вики Клинчарова

Поврзани новости