Разорен земјотрес во Мароко – стотици загинати

by fokus

Силен земјотрес го погоди Мароко доцна во петокот. Според прелиминарните податоци на МВР, загинале најмалку 296 лица, а 153 се повредени.

Мароканскиот геофизички центар соопшти дека земјотресот се случил во областа Игил во планината Висок Атлас со јачина од 7,2 степени. Американскиот геолошки институт ја процени јачината на земјотресот на 6,8 степени и соопшти дека е на релативно мала длабочина од 18,5 километри.

Игил, планинска област со мали земјоделски села, се наоѓа на околу 70 километри југозападно од Маракеш. Земјотресот се случил нешто по 23 часот по локално време.

Освен во Маракеш, тресењето на земјата се почувствувало и во Рабат, Казабланка, Агадир и Есауира, предизвикувајќи паника кај населението.

Многу луѓе излегоа на улиците на тие градови во страв од уривање на нивните домови, според сликите објавени на социјалните мрежи.

Регионалниот центар за трансфузија на крв во Маракеш денеска ги повика жителите да даруваат крв за повредените.

Индискиот премиер Нарендра Моди, кој викендов е домаќин на самитот на Г20 во Њу Делхи, упати сочувство до роднините на жртвите од земјотресот.

Порака со сочувство испрати и германскиот канцелар Олаф Шолц.

Во февруари 2004 година, земјотрес со јачина од 6,3 степени според Рихтеровата скала ја потресе провинцијата Ал Хосеима, 400 километри североисточно од Рабат, при што загинаа 628 луѓе и предизвика огромна материјална штета.

Претходно, на 29 февруари 1960 година, земјотрес го уништи Агадир, на западниот брег на земјата, и остави повеќе од 12. 000 мртви, или една третина од населението на градот.

Фото: Ројтерс

Поврзани новости