Европските интеграции на земјава и заложбите да продолжи развојот на соработката меѓу Северна Македонија и Бугарија во сите области во кои постои взаемен интерес, согласно Договорот за пријателство од 2017 година, како и Протоколот од Заедничката меѓувладина комисија, беа меѓу темите на телефонскиот разговор на министерот за надворешни работи Бујар Османи со новиот шеф на бугарската дипломатија Николај Милков.
Како што соопшти МНР, упатувајќи му честитки на Милков за новата функција, Османи изрази подготвеност за континуитет во рамките на продлабочената соработка, со цел зацврстување на пријателството меѓу двете земји.
За време на разговорот беше поздравен почетокот на преговорите на Северна Македонија со ЕУ и беше нагласена европска перспектива за земјава, како взаемен интерес не само на двете држави, туку и на целиот регион, и на самата Унија.