Разговор меѓу Јанкулоска-Протоѓер: Ги преполнивме институциите со неспособни луѓе

by Фокус

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, во моментот ја објавува 24-та бомба, од седиштето на партијата. Тој истакна дека јавноста денеска ќе слушне како се вработуваат новинари во МТВ, но и другите приватни телевизии, кои добивале зелено светло или од некој од министрите или од општинските комитети.

-Државната телевизија е претворена во штаб на Никола Груевски. Кај министерката Гордана Јанкулоска имало списоче и за вработување на кадри во МТВ, во договор со Груевски, истакна Заев.

Тој презентираше неколку разговори, а во еден од нив зборува министерката Јанкулоска и премиерот Груевски, во кој се договараат за поставување на дописници во Атина и Вашингтон. Во друг телефонски разговор зборуваа министерката Јанкулоска со Мартин Протоѓер, во кој тој и сугерира да го поништат огласот за вработување за МТВ, бидејќи влегле, како што вели, полунормални кадри, кои иако доаѓале по препорака од општинските комитети, сепак не биле за новинари.

-Па не може секој што има желба да биде новинар, заклучува Протоѓер, кој додава дека секако ќе се вработат кадри од општинските комитети, ама да биле нормални.

Министерката Јанкулоска, пак, додава дека ги преполниле институциите со неспособни луѓе.

Во разговорите се слуша и како Протоѓер се консултира со министерката за вработување на новинарот Миле Ристески, во МТВ, за кој министерката оценува дека е добро човече, ама потпаднал под лошо друштво кога бил во „А1“ телевизија.

Поврзани новости