Архива: Разговарав со последниот жив атентатор на Глигоров!

by lali

Македонската јавност имаше прилика да го запознае Гроздан Цветковски уште во времето на преминот од комунизмот кон демократијата, кога заедно со осумте ластовички од тогашниот Секретаријат за внатрешни работи ја навести политичката пролет. Безбедносниот аналитичар, кој во СВР се бореше против комунистичките злоупотреби, во плурализмот ѝ остана верен на својата професија. Изминативе 16 г. работеше како началник и главен инспектор во МВР, директор на Факултетот за безбедност и сопственик на Детективската агенција „Топ Поинт“.

Со промените, замина во Агенцијата за разузнавање, каде што беше директор на аналитика, а последните четири години ги помина како офицер за врски од областа на безбедноста и разузнавањето во амбасадата на РМ во Софија. Цветковски кон крајот на 2006 г. докторираше на тема „Влијанието на организираниот криминал врз креирањето политика во периодот на транзиција, со посебен осврт на состојбите во РМ“. За Цветковски, криминалот станал „петта власт“ во Македонија и во регионот. Тој за „Фокус“ ексклузивно говори за неговите сознанија за атентатот врз Глигоров, за прв пат отворено ги анализира состојбите во Агенцијата за разузнавање и актуелните теми на безбедносно-политички план

ФОКУС: Во 1995 г. се случи атентат врз претседателот Глигоров. Тој можеби затоа не верува во службите. Но агенцијата беше формирана во 1997-98 г. меѓу другото и за да се бараат атентаторите на Глигоров. Истрагата досега следеше три линии: братиславската врска, „Мултигруп“ и спрегата од српско-руското подземје. Какви се вашите сознанија. Има ли траги кои вреди натаму да се следат?

ЦВЕТКОВСКИ: Сега за прв пат ќе излезам со оваа информација во јавноста, бидејќи уште во пладневниот радио-весник на 3-ти октомври 1995 г. директно се вклучив во програмата и уште тогаш го дефинирав атентатот како обид за рекомпонирање на државата. Во сите подоцнежни истражни дејствија имаше премногу манипулации. Но факт е дека тогаш се утврди дека во атентатот има вмешано домашни и надворешни актери.

Некаде во средината на 2003 г., во Софија случајно се сретнав со едно лице, кое можеби не директно, но многу блиску било инволвирано во организирањето на атентатот. Тогаш работев во амбасадата на РМ во Софија. Тоа лице тогаш дојде по друга работа во амбасадата, и случајно со него воспоставивме контакт. Остваривме средба во еден хотел во Софија.

Човекот опиша многу ситуации, кои фактички кореспондираа со многу детали содржани во стенограмите на прислушувањето веднаш по атентатот, од кои имаше околу 150-200 страници. Јас тие материјали, во кои што се споменуваат многу лица, ѝ ги предадов на тогашната директорка на АР. Во нив имаше многу пикантерии. Претставуваше неверојатно совпаѓање што човекот ми говореше за сето тоа.

ФОКУС: За кого се работи, како се вика тоа лице?

ЦВЕТКОВСКИ: Тоа лице, се разбира, од познати причини не можам да го идентификувам. Се работи за странски државјанин. Но јас подолго време веќе од 2003 г., работам на еден текст, под работен наслов „Егзекутор“, кој фактички нема да биде документарен, туку нефикциска приказна. Се работи за метод на интертекстуалност, каде што фактичките моменти и настани се преплетени со уметнички. За да не се сетат „власите“. Но многу луѓе ќе се препознаат.

ФОКУС: Што ќе се открие?

ЦВЕТКОВСКИ: Веројатно нема да се откријат нарачателите на атентатот, но многу работи поврзани со атентатот ќе се откријат. Бидејќи 10-тина години работев на таа приказна.

ФОКУС: Велите дека се работи за лице организатор на атентатот!

ЦВЕТКОВСКИ: Да и фактички лице од регионот, кое е поврзано со други лица надвор од регионот. Целта се потврдува дека е рекомпонирање на власта на државата, односно тука има многу економски елементи.

ФОКУС: Каква е таа грузиска врска во атентатот врз Глигоров?

ЦВЕТКОВСКИ: Се работи за грузиски тип на атентат, во смисла на „мокра нарачка“, како што се нарекува тој тип нарачки.

ФОКУС: Што дознавте? Дали извршителите се живи?

ЦВЕТКОВСКИ: Дознав дека постои само еден жив човек, кој прво избегал во една соседна земја, потоа во Европа, на Медитеранот живеел едно време, а сега, според тие информации и кажувања, живее под туѓо име на еден далечен остров. Меѓутоа, тој е само една алка во синџирот, односно веројатно е спореден играч, но знае многу детали, зашто е еден од организаторите. За извршителите постојат премногу шпекулации, контроверзни информации и веројатно тие не се живи. Затоа што, вообичаено е извршителите да се убиваат, за да се избрише ракописот. Но битни се организаторите и планерите. Сѐ уште не го знаеме планерот, односно нарачателот.

ФОКУС: Дали Вие од тоа направивте некаков службен материјал?

ЦВЕТКОВСКИ: Јас пишувам книга. Од тие прибелешки ќе напишам едно уметничко-документарно дело, бидејќи за да се пишува документарно мора да се употребуваат автентични имиња и презимиња, мора да се располага со автентична документација со непобитни факти, а не со шпекулации. Затоа, ќе го употребам овој жанр – интертекстуалност, во кој се преплетуваат фикцијата и стварноста. Меѓутоа, многу лесно се доаѓа до заклучокот.

ФОКУС: Има ли во приказната одредени личности и соработници што ќе се препознаат од Македонија?

ЦВЕТКОВСКИ: Да, ќе се препознаат, особено еден соработник на атентаторите од Македонија, кој што имал средба со еден колега, кој сега, за жал, не е меѓу живите. Средбата била на тогашната ул. „Иво Лола Рибар“, денешна „Теодосиј Гологанов“. Фактички од тука почнува организацијата на атентатот.

ФОКУС: Станува збор за наш Македонец?

ЦВЕТКОВСКИ: Да.

ФОКУС: Инволвиран ли е и човекот од МВР?

ЦВЕТКОВСКИ: Не, не. Колегата од МВР дознал за организирањето на атентатот зашто разбрал од средбата со човекот. Но, сега полицаецот е покоен. Тој не е инволвиран во атентатот. Но, тој укажуваше на многу елементи уште тогаш, за време на истрагата, кои, за жал, подоцна се овистинија. Сепак, чудно е во сето тоа што едноставно имаше премногу манипулации во истрагата, и не се сакаше да се дојде до вистината. Дури и обвинителството не покрена никаков акт. Четири години јавен обвинител беше мојот личен пријател г. Ставре Џиков…

ФОКУС: Нели тој покрена нешто, Глигоров за прв пат даде изјава пред судот.

ЦВЕТКОВСКИ: Џиков со посебен жар се впушти во истрагата, но потоа од непознати причини спласна целата работа. Веројатно немаше доволно материјални докази. Но повеќе одеше на тоа да се докажат пропустите во МВР во врска со истрагата за атентатот, увидот на лице место и сл. Се работеше повеќе на тоа отколку на траги. Меѓутоа, треба да бидеме и објективни дека атентаторите, дури и на обични луѓе, многу тешко се откриваат. Во последниве 15 години во т.н. мокри нарачки, во Бугарија се убиени 170-180 лица, од кои е прашање дали се откриени 20 отсто, веројатно и помалку. Токму затоа што тие мокри нарачки тешко се откриваат, зашто се работи за цел синџир и тешко се доаѓа до врвот.

 

Пасажи од работната верзија на нефикцискиот роман
СВЕДОШТВО НА АТЕНТАТОРОТ

Настаните и ликовите се измислени и сите сличности со вистински собитија и лица се случајни, освен оние кои не се. Меѓутоа, тие се вообичаени во манирите на жанрот нефикциска приказна т.е. интертекстуалност, каде влијанието на фикцијата е сведено на минимум, а преовладуваат фактите.

* * *

Есента 1995 година ненадејно ЏЏ исчезна од улицата „Теодосиј Гологанов“ (во тоа време „Иво Лола Рибар“) во Скопје, каде за последен пат е забележан. Тој беше поранешен припадник на една македонска безбедносна служба. Оттогаш до денес нема никакви сознанија дали е жив, каде се наоѓа и што навистина се случило со него. Во времето кога исчезна, се проширија шпекулации дека во Службата добил поголема сума пари за да започне со „приватно претприемништво“. Наводно, тој се одлучи за нешто сосема друго, по што исчезнува засекогаш.

* * *

Тој студен октомвриски ден засекогаш ја напуштив Македонија и по кусиот престој во хотелот „Родина“ во Софија, тргнав во пресрет на неизвесната иднина. Тој ден за мене е реинкарнација, затоа што сите претходни години ги сметам за минато и се обидувам да ги избришам од сеќавањето.

* * *

Изминаа безмалку две години откако го напуштив бисерот на медитеранското крајбрежје и сега под лажно име живеам на егзотичниот остров Џ. Работам како бармен во хотелот „Мананг“, од чиј балкон има прекрасна глетка на градот. Правам коктели и реминисценции за животот откако „слегов во дното“ пред речиси една деценија.

Еден ден, ненадејно, додека го читав утринскиот весник, на службениот телефон се јави женски глас која се претстави како новинарка на познат весник од бившите југословенски простори. Таа имала намера да напише книга по углед на американскиот приватен детектив Едмонд Панкау „Сокријте го своето богатство и исчезнете – детален прирачник како да исчезнете без трага“.

* * *

Неколку денови правеше интервју со мене. Книгата требаше да биде насловена „Атентатор“, но таа не може да се прочита. Новинарката загина во сообраќајна незгода, а со неа изгореле касетите со фонографските записи од мојата исповед. Остана мојата исповед да ја сонувам и чувам длабоко во себе, сѐ до оној летен ден во 2003 година кога на ден-два пристигнав во Софија и побарав виза за Македонија. Не ја добив, што значеше дека никогаш повеќе нема да се вратам. Затоа одлучив својата вистинска приказна да ја раскажам на службеникот на Амбасадата, за кого се сетив дека претходно работел во полицијата, а подоцна бил сопственик на Детективска агенција. Бидејќи ми остави впечаток на доверлива личност, му го раскажав патешествието со ветување дека никогаш нема да го открие мојот идентитет. Разговорот беше во хотелот „Кемпински“, по што утредента од Софија со првиот лет заминав во мојата вечна дестинација. Тој можеби насетува каде се наоѓам, му дозволив да напише хроника за моето „спуштање во дното“. Не знам дали ќе го исполни ветувањето, времето продолжува да тече, енигмите остануваат, но сепак…

 

Средба со Маркус ВОЛФ
ЗАГАДОЧНИОТ ШЕФ НА „ШТАЗИ“

ФОКУС: Дали сте побарале информации за атентатот и од странски разузнавачи?

ЦВЕТКОВСКИ: Во 2000 г. бевме една недела на одбор во одморалиштето во северна Бугарија, Русалка, на покана на еден од најголемите бизнисмени во Бугарија, мултимилионерот Николај Банев. Тој има фондација за незгрижени деца „Сите ние сме едно семејство“. Таму имав прилика да се сретнам со прочуениот Маркус Волф, кој беше триесет и пет години директор на источно-германската политичка полиција „Штази“.

Го прашав Маркус и околу атентатот врз Глигоров. Но, тој беше многу загадочен. Ми рече, „Колку што знам, германската служба БНД ви дала сѐ што требало“. Маркус Волф почина оваа година. По обединувањето на Германија, тој беше прво осуден, а потоа амнестиран. Има објавено сеќавања, што ми ги подари со потпис.

Кажуваше други пикантерии за Русија и Германија. На средбата беше и Мирослав Туѓман, син на Фрањо Туѓман и поранешен директор на хрватската разузнавачка служба. Имавме прилика да размениме многу мислења. Инаку, таму појдов по договор со Тодор Бојаџиев од Бугарија, кој е пријател со легендарниот Ким Филби од британската МИ-6. Бојаџиев постојано се среќава со жена му на Филби, која сѐ уште е жива. Имавме неколку средби.

Со Туѓман, пак, се познававме од порано, имавме неколку меѓусебни службени посети. Во мај 2000 г. бевме на собир на поранешните разузнавачи во Пловдив со тема за студената војна. Јас бев единствен актуелен кој им се приклучив. Таму се сретнаа ривалите – рускиот, американскиот, германскиот, францускиот шеф на службите. Таму беа Пјер Лакост, Стоутс, Шербашин, Тодор Бојаџиев и други. Тоа се борци на тивкиот фронт кои не се експонираат.

Поврзани новости