ЛДП се прашува дали Лавров провоцира

by Фокус

Либерално демократската партија е непријатно изненадена од изјавата на шефот на руската дипломатија, Сергеј Лавров. Тој за сараевски „Дневни Аваз“ изјави дека проширувањето на НАТО со поранешните југословенски републики- Македонија, Црна Гора и Босна и Херцеговина, би претставувала провокација, се вели во денешното соопштение на ЛДП.

– Се надеваме дека изјавата е лошо интерпретирана или неавтентична, водејќи се од фактот дека од моментот кога Македонија се здоби со статус на држава-аспирант со акциониот план за членство во НАТО во 1999 година, Русија никогаш не се изјаснила против членството на Република Македонија во НАТО. Но, ЛДП смета дека доколку изјавата е точно интерпретирана, тогаш таа е непримерна, неприфатлива и навредлива за граѓаните на Република Македонија, кои на сите анкети, со огромно мнозинство од околу 90% се изјаснуваат позитивно за влегување во НАТО алијансата – велат од партијата на Андреј Жерновски.

ЛДП потенцира дека 15 годишниот пат кон НАТО алијансата сѐ уште не е финиширан со полноправно членство, најмногу поради проблемите кои ги имаме со неразумната политика на јужниот сосед, но сѐ повеќе и поради политиката на актуелната власт во нашата држава.

– Сакаме да ја потсетиме Владата дека од неа се очекува да носи храбри и полезни одлуки за граѓаните на Република Македонија. ЛДП и понатаму ќе инсистира на одржување и развивање на пријателските, културните, политичките и стопанските односи со рускиот народ – потенцираат либералдемократите.

Поврзани новости