Ден после Велигденските празници (14.04.2015), Сојузот на синдикатите на Македонија одржа Седница на Претседателството на ССМ на која требаше да се констатираат предложените кандидати за Претседател на (предвремениот) Конгрес на ССМ. Наместо потврдување на кандидатурата на двајца кандидати – сегашниот претседател на ССМ, Живко Митревски и поранешниот претседател на Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита, Симон Силјановски, Претседателството на ССМ донесе одлука идентична на најавите за евентуален „компромис“ што ги најавуваа дел од синдикалните лидери минатата недела и го избра само Митревски.
-Дел од членовите на Претседателството на ССМ сметаа дека понудата противкандидатот на Живко Митревски да добие место заменик-претседател на ССМ и со тоа Конгресот да се одржи со само еден кандидат за претседател на ССМ (преседан што за прв пат се случи со 19-тиот Конгрес на кој што самиот Живко Митревски беше единствениот кандидат) е во исто време и нестатутарна и „непристојна“. Нестатутарна бидејќи никаде во Статутот на ССМ не постои местото заменик-претседател а „непристојна“ бидејќи со тоа се загушува демократската атмосфера (која и така и така полека исчезнува) во најголемиот сојуз на работниците во Македонија- реагираат синдиклаци.
Нормално, „компромисот“ што бил во игра пред одржувањето на Седницата на Претседателството на ССМ воопшто не бил компромис: во случај да го одбијат понуденото, самите синдикати што не се сложувале со горенаведениот предлог ќе биле „надгласани“ на седницата во вторникот, ќе „никнеле“ одредени пропусти во постапката за номинирање на Симон Силјановски и единствен кандидат ќе биде Живко Митревски!
Токму тоа е и резултатот од Седницата на Претседателството на ССМ – Живко Митревски е избран за единствен кандидат и истата таа одлука ќе биде испратена до Советот на ССМ, кој што има закажано седница за следниот вторник (21.04), каде треба сите овие одлуки да се верификуваат.
Но, пренесуваат синдиклаците, учесници на седницата, не е се’ завршено: со оглед на фактот што сите одлуки треба да бидат изгласани со 2/3-инско мнозинство, синдикатите кои се против самоволието на сегашниот претседател на ССМ имаат повеќе од половина од вкупниот број на членови на Советот на ССМ (кој инаку брои 51-член, вклучувајќи го и Живко Митревски, кој согласно Статутот е претседавач со истиот). Тоа дава можност кандидатурата на вториот кандидат да биде потврдена од страна на Советот на ССМ, што ќе претставува и мала (но ветувачка) победа за демократијата во ССМ.
Дел од гранските синдикати веќе најавуваат правна разврска во случај да се направат (дополнителни) притисоци горенаведената опција за вклучување на Силјановски во трката за претседател да биде отфрлена од страна на 11-те грански синдикати што ја донеле истата одлука на Седницата на Претседателството на ССМ – а тоа го доведува во прашање и нивното понатамошно членување во Сојузот.
Во исто време, напоменуваат синдикалците, дека самиот Митревски треба да одговори зошто бил свикан „подготвителен“ состанок (вон работното време и под закрила на тајноста) со 11-те грански синдикати што го поддржуваат а на кој биле присутни сегашниот и поранешниот министер за труд и социјална политика, Диме Спасов и Спиро Ристовски? Што имаат тие како министри со одлуките за избор на Претседател на ССМ и дали тие всушност се „посредниците“ во целиот овој преговарачки процес? Дали Митревски сега и отворено бара поддршка од неговите политички сојузници, со кои навикнавме да го гледаме како одржува прес конференции?