Министерството за култура ги објави резултатите од годишниот конкурс за проекти од национален интерес во културата за 2021 година. Како што појасни министерката Ирена Стефоска, за распределба на 11 милиони евра, пари на даночните обврзници, пристигнале рекорден број на апликации, дури 6.352.
Таа вели дека стручните комисии кои одлучувале за распределбата на средствата биле под огромни притосоци, но сепак останале истрајни и направиле фер селекција на пријавите.
-Добар дел од другите корисници, но и од националните институции имаа неадекватно и нецелосно потполнети апликации.
Потоа, дека мора да работиме на високата свест за взаемна отчетност за трошењето на секој денар.
Трето, би сакала да ја истакнам и „вештината“ на дел од корисниците кои од различни причини, понекогаш легитимни, понекогаш не – се извештиле низ годините како да го надмудруваат конкурсот.
Па така, на разни начини се протнуваат низ „дупките“ во системот: На пример, еднаш се појавуваат како автори, друг пат како уредници, трет пат како консултанти, четврти пат како учесници во манифестација, петти пат како членови на жири комисии, шести пат во групен проект… Едноставно кажано, исти лица си конкурираат самите на себе. И така конкурсот ја изгубил смислата на натпревар.
Неретки се и оние кои со копи пејст проекти аплицираат, односно со проекти за кои во изминатите години веќе биле поддржани.
Во еден ваков сложен и крајно проблематичен контекст, и комисиите, и јас како министерка, зазедовме став за една суштинска позиција, да се обезбеди одговорна, транспарентна и праведна дистрибуција на парите на даночните обврзници за културата – порача Стефоска.
Претседатели на комисиите кои ги разгледувале пристигнатите пријави по одделни дејности се: за литература и издавачка дејност – Весна Димовска; за драмска дејност – Фирдауз Неби; за фолклор и сценско-уметничка дејност – Емин Гаџа; за музичка и музичко-сценска дејност – Бранка Костиќ-Марковиќ; за визуелни уметности, архитектура и дизајн – Соња Абаџиева; за интердисциплинарни проекти – Зоран Петровски; за меѓународна дејност – Јане Бакевски; за заштита на недвижното културно наследство и заштита на аудиовизуелни добра – Љуљета Абази; за музејска дејност – Фросина Зафировска; за библиотечна дејност – Славица Србиновска.
Резултатите се објавени на официјалната страница на Министерството за култура.
Вики Клинчарова