Собраниската комисија за финансирање и буџет денеска ја продолжи амандманската расправа по Предлог-буџетот за 2023 година во рамки на која не беа усвоени два амандмани поднесени од опозицијата.
Со едниот се бараше да се набават 50 противпожарни возила, а со другиот да се одвојат од буџетот средства во висина од 860 милиони денари за зголемување на платите за 10 проценти во Министерството за внатрешни работи.
Пратеникот Здравко Трајанов од ВМРО-ДПМНЕ за првиот амандман за набавка на противпожарни возила рече дека на земјава и се потребни квалитетни модерни возила за поефикасно гаснење на пожарите. Општините, рече Трајанов, имаат ограничени буџети и затоа нормално е да се повикаме на буџетот и заедно да партиципираме во набавка на ваква противпожарна опрема.
Амандманот за зголемување на платите на вработените во МВР беше одбиен со образложение дека платата на овие вработени од септември е зголемена за пет проценти, а во март се очекува усогласување на платите согласно минималната плата.
– На вработените во МВР од септември им е зголемена платата за пет проценти, а со новата методологија за плати со очекуваниот пораст на мининалната плата во март, околу 30 илјади вработени ќе имаат зголемување на плата, рече заменик-министерот за финансии Филип Николоски