Расплет без одговорност: Модуларната болница како кола без сопирачки

Премиере, вие не имате ставено да се возиме во една кола која има само педала за гас. Ако ни излезе некоја препрека, нема како да закочиме и ќе удриме во неа. Ако загинеме, ќе излезете на ТВ и ќе кажете дека сме починале оти не сме закочиле, а нема да кажете дека сте ни дале кола без сопирачки, реагира градежниот инжинер Неџат Бајрами.

by Фокус

Прегревање на кабел предизвикало палење во приклучната кутија од продолжителниот кабел на кој бил приклучен дефибрилаторот, полнач за мобилен телефон и уште еден апарат – ова е официјалната верзија за избивање на пожарот во тетовската модуларна болница пред еден месец, во кој загинаа 14 луѓе.

Впрочем, такви наводи се содржат во извештајот којшто го изготви Одделот за криминалистичко-технички испитувања и вештачења при Министерството за внатрешни работи, кој веќе е доставен во Основното јавно обвинителство Тетово, коешто ја води истрагата.

Вештачењето утврдува постоење траги од електрична куса врска на доставениот материјал подигнат при вршење на увидот на самото  место на пожарот, како и траги што се значајни за утврдување на причината поради која настанал пожарот во модуларната болница“, се наведува во извештајот.

Веднаш потоа, премиерот Зоран Заев изјави дека нема причина да се лоцира политичка или менаџерска одговорност кај министерот за здравство Венко Филипче и неговиот заменик Илир Хасани, кој после пожарот понудија оставки од морални причини.

За евентуалните грешки причинети од човечки фактор ќе се произнесат надлежните органи – истакна Заев, додавајќи дека „нема да дозволи политизирање на трагедијата во тетовската болница“ и порачувајќи дека во наредниот период „најважно е да се засилат контролите за да не се случат вакви несреќи во иднина“.

Меѓутоа, експертите го проблематизираат ваквиот начин на гледање на работите, бидејќи, како што велат тие, потенцијалната одговорност не се однесува само за причините за предизвикувањето на пожарот, туку за непочитување на законските процедури при инсталирање на систем за превенција и заштита при вакви несреќи.

Премиере, вие не имате ставено да се возиме во една кола која има само педала за гас. Ако ни излезе некоја препрека, нема како да закочиме и ќе удриме во неа. Ако загинеме, ќе излезете на ТВ и ќе кажете дека сме починале оти не сме закочиле, а нема да кажете дека сте ни дале кола без сопирачки – реагира градежниот инжинер Неџат Бајрами.

Тој посочува дека после последните случувања и, како што вели, паушалните и неиздржани изјави од страна на Заев, смета дека веќе не е безбедно да се живее во државата.

Додека државата гради јавни објекти без проект, без запазување на било какви процедури, без било какви мерки за заштита од ризици (пожар, експлозија), без вградување на соодветни материјали, уреди и инсталација и нивно испитување, и така ги пушта градбите во употреба, ние веќе било каде може да загинеме – предупредува Бајрами.

Претходно, тој за Фокус објасни дека во случајот со тетовската модуларна болница, не е битен изворот на пожарот, туку дали објектот бил изграден земајќи ги во предвид барањата за заштита од пожар предвидени и со закон, според кои тој во целина требало да биде отпорен на пожар најмалку 30 минути.

-Пожарот можел да биде предизвикан и од пироман, меѓутоа објектот во целина треба да стои и пожарот да не се прошири за времето димензионирано на отпорност од пожар – посочи Бајрами, врз основа на постоечката легислатива во земјава, но и врз база на лично искуство при изградба на камп за бегалци во Германија.

В.С.

Поврзани новости