Албанските органи издадоа потерница по поранешниот вицепремиер и министер во неколку влади во Албанија, Арбен Ахметај. Ова следува откако на Ахметај му беше одреден притвор, но полицијата не успеа да го најде на територијата на земјата.
Специјалната антикорупциска структура (СПАК) го гони Ахметај за корупција, непријавување имот и перење пари. Според СПАК, Ахметај „соработувал“ со двајца бизнисмени, Клодиан Зото и Мирел Мертири, кои успеале да добијат концесии за третман на отпад во Елбасан, Фиер и Тирана. Ахметај влијаел на постапките за концесија, за што обвинителството се сомнева дека добил и награда.
Тој со години беше близу до премиерот Еди Рама. Беше министер за економски развој, министер за финансии, министер за реконструкција по земјотресите во 2019 година, а вицепремиер беше во периодот 2021–2022 година.