Општина Валандово го распиша меѓународниот конкурс за овогодинешното 34-то издание на фестивалот на новосоздадени македонски песни „Фолк Фест“ – Валандово 2019. Настанот ќе се одржи последната недела од месец мај (петок и сабота), во фестивалската сала „Јанко Узунов“.
На фестивалот ќе бидат презентирани 20 нови народни песни, во една ревијална и една натпреварувачка (финална) вечер.
Организатор на фестивалот е Општина Валандово со Министерството за култура како главен покровител, кои на крајот на втората натпреварувачка (финална) вечер, ќе доделат осум паричи награди и тоа: -Прва награда во износ од 1.500 евра; -Втора награда во износ од 1.000 евра; -Трета награда во износ од 750 евра; -Награда „Никола Бадев“ во износ од 500 евра, за најдобра вокална изведба; -Награда „Драги Митев“ во износ од 500 евра за најдобар аранжман; -Награда „Миле Брзанов“ во износ од 500 евра,за најдобар дебитант; -Награда „Мирчо Карамучев“ во износ од 500 евра, за најдобар текст и -Награда за најдобар сценски настап, во износ од 500 евра.
На конкурсот можат да учествуваат сите домашни и странски автори кои ги исполнуваат условите за учество, а рокот за поднесување на пријавите е до 28-ми февруари. Лани на фестивалот победи фолк пејачката Благица Калева со песната ,,Горда мајка’’ која ја посвети на својата ќерка Марија. Целата сала за време на настапот пееше и плачеше со нивната сограѓанка која е синоним за мајка – храброст, и која пред 17 години во сообраќајна несреќа ги изгуби ќерката Викторија и сопругот Костадин. По трагедијата, животот го посвети на ќерката Марија и на музиката.
Вики Клинчарова