Рашковски станува советник на Заев, Зеќири во Влада или во МРТВ

by Фокус

Универзитетскиот професор Драги Рашковски нема и во иднина да биде генерален секретар на Владата, но ќе остане на Илинденска како советник на премиерот Зоран Заев, дознава Фокус од извори во СДСМ.

Откако поранешниот министер за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски ја одби понудата да го наследи Рашковски и одлучи да се пресели од политиката во приватниот сектор, се уште нема конечна одлука кој ќе биде нов генсек на Владата.

Според неофицијални информации, една од опциите е потпретседателот на СДСМ Мухамед Зеќири, кој претходно беше во игра за економски директор на Фондот за здравствено и инвалидско осигурување.

Иако во изминатиов период неколку луѓе однадвор се пожалиле кај партиското раководство за одредени постапки и дејства на Зекири, сепак, висок партиски функционер тврди дека тоа не е причината поради која не станал директор на ФЗОМ, туку несоодветното образование.

Како и да е, тој сега е во комбинација за генерален секретар на владата, но, како што истакнуваат од таму, се уште не е пресечено.

Другата опција за прв администартивец на Илинденска, додаваат нашите соговорници, е млад правник непознат за пошироката јавност.

Во таква ситуација, Зеќири, кој е поранешен новинар и уредник, се споменува како нов генерален директор на МРТВ.

Во изминатиов период, речиси сите битни и влијателни директорски позиции беа исполнети, со исклучок на Царинската управа.

Досегашниот директор Ѓоко Танасовски, како што дознаваме, одлучил да ги одбие понудите да биде заменик министер за финансии или директор на Железници, со образложение дека во следниот период ќе се посвети на приватен план.

Се чека официјализација на одлуката нов шеф на царината да стане екс министерот за транспорт и врски Горан Сугаревски.

В.С.

Поврзани новости