Рашковски располага со богат возен парк, вози хонда, кавасаки и волво

by fokus

Генералниот секретар на Владата, Драги Рашковски, располага со богат возен парк, покажува неговиот анкетен лист. Освен познатиот четрицикл марка Кавасаки, на кој јавноста го виде за време на релито минатата година каде се возеше веднаш до сегашниот премиер, Рашковски како голем љубител на моторите, во својата гаража има и хонда голдвинг од 2008 година.

Во анкетниот лист е заведено дека четрициклот вреди 5.800 евра, додека моторот марка хонда го чинел поранешниот професор 7.800 евра.

Освен тоа, Рашковски во своја сопственост има и волво, а на име на неговата сопруга се наведени исто така волво од 2005 година и БМВ од 2003 година, двете возила во вкупна вредност од 13.000 евра.

Од имот генералниот секретар поседува стан во Скопје во вредност од 65.000 евра. Во Струмица, пак, има земјоделско земјиште од 2.089 метри квадратни.

Рашковски во 2016 година примил авторски хонорар од 2.900 евра, покажува анкетниот лист. Во банка има вкупен депозит од 42.000 евра, а кредит од 68.000 евра.

Против генералниот секретар на Владата опозицијата изнесе сериозни обвинувања. ВМРО-ДПМНЕ го обвини за непотизам поради тоа што со бранот кадровски промени мајката на неговата сопруга беше поставена за претседател на Комисијата за жалби. Според ВМРО-ДПМНЕ неговиот кумашин, пак, два месеца пред формирањето на Владата отворил адвокатска канцеларија која до сега склучила неколку договори за адвокатски услуги со дел од институциите.

Поврзани новости