Поранешниот генерален секретар на владата, Драги Рашковски е осуден на единствена затворска казна од осум години за случајот „Софтвери“. За делото злоупотреба на службената положба е осуден на седум години затвор, а за делото перење пари, една година и шест месеци затвор.
На Рашковски му се засметува и времето поминато во притвор. Затворски казни добија и останатите обвинети во овој случај. Обвинетиот Ивица Димитровски е осуден на пет години затвор, пет години и шест месеци затвор доби обвинетиот Игор Христов, Даниел Станчев е осуден на четири години,, Ирена Ивановска е осудена на три години и шест месеци, а три години затвор добија Игор Ивановски и Маја Силјаноска.
Судијката Фанка Јанчулева Михаиловска ги прогласи за виновни поранешниот Рашковски, професорот Ивица Димитровски, носител на проекти на „Финки“, Игор Христов, надворешен соработник на Влада, Даниел Станчев од „Инвока груп“, Ирена Ивановска, Игор Ивановски и Маја Силјаноска, надворешни соработници на Влада.
Рашковски не ги извршил службените должности при спроведување на четири постапки за јавна набавка за систем за биометриска идентификација, јавна набавка на софтвер за определување на просечна брзина на возила во сообраќајот и изрекување на казни, набавка на АНПР камери за препознавање на регистарски таблички за возила и јавна набавка на метални кабини за потребите на системот на биометриска идентификација и систем за автоматско препознавање на регистарски таблици.
Судот констатираше дека Рашковски имал доминантна позиција во текот на главната расправа, како и додека бил генерален секретар кога давал насоки за за остварување на негов личен интерес. Во текот на судењето, Димитровски покажал искрено каење и дистанцирање од Рашковски, Христов имал партнерски однос, Станчев лојален однос.
Ф.Ф.С.