Поранешниот генерален секретар во Владата, Драги Рашковски од куќен притвор, мерка што му беше определена за истрагата за набавката на софтверот, оди во истражниот затвор во Шутка.
Кривичниот совет на одделението за организиран криминал и корупција ја прифатил жалбата на јавниот обвинител и му определил 30-дневен притвор, соопштија од Кривичниот суд.
Освен Рашковски, во притвор оди и Даниел Станчески, сопственикот и управител на фирмата „Инвока гроуп“ којашто го доби тендерот за софтверот за сообраќајни прекршоци.
-Кривичниот совет на одделението за организиран криминал и корупција, постапувајќи по жалби изјавени против решенијата на судија на претходна постапка од 16.04.2021 година со кои на Д.Р. и Д.С. им се определува мерка куќен притвор со дополнителни мерки за претпазливост, денеска одржа седница во присуство на странките, по која ценејќи го предлогот како и изјавените жалби донесе решение со кое ја прифати жалбата на Јавниот обвинител и го преиначи решението на судија на претходна постапка. Со тоа на осомничените Д.Р. и Д.С. им се определува мерка притвор во траење од 30 дена заради постоење на основите од член 165ст.1 т.1 и 2, се вели во соопштението од Судот.
На другите две осомничени лица Судот им одреди мерки за претпазливост.
Обвинителството го товари Рашковски дека додека бил генерален секретар на Владата набавил софтвер за сообраќајни прекршоци. Според Обвинителството тој ја договорил набавката доставувајќи сопствен патент за кој дал насоки за изготвување на техничка спецификација за јавната набавка.
Пред отворањето на истрагата, Рашковски си поднесе оставка од функцијата секретар за мониторинг и поддршка на институциите при реализација на програмата на Владата и на стратешки проекти.