Резултатите објавени од поддршката на конкурсот на Министерството за култура предизвикаа низа на реакции во јавноста. Негодувања околу тоа кои проекти се поддржани, а кои одбиени, дали се исполнети административните критериуми и дали некои проекти се фаворизирани на сметка на други, постојат ли недоследности – се само дел од забелешките кои фрлија дамка врз проектот чија цел е издигнувањето на културата во нашето општество.
Токму поради реакциите, Премиерот Зоран Заев најави дека конкурсот ќе биде поништен во целост, освен во делот на националните установи, каде што сè било регуларно.
На темата владина поддршка за проекти од областа на културата и уметноста, ,,Фокус” разговараше со Ранко Дакиќ, сликар и скулптор по потекло од Кавадарци, кој со децении живее и твори во Берлин, Германија. Она што е впечатливо е дека можеби Дакиќ е единствениот од земјава кој ја одбил добиената владина поддршка за проект, на минатогодишниот конкурс на Министерството за култура.
Околу тоа, како нештата функционираат во Германија, дали навистина имаме потреба од владина финансиска поддршка во областа на уметноста, и кои промени се неопходни за да се придвижиме во позитивна насока, отворено со Дакиќ.
Фокус: Најверојатно сте единствената личност во земјава која одбила понудена владина помош, односно средства од годишната програма на Министерството за култура за финансирање на проект во културата. За што точно се работи, кога, колку средства и поради која причина ги одбивте?
Дакиќ: Да се разбереме, прво, мене не ми е потребна никаква “помош”, јас не живеам од помош, ниту од подароци, тоа јас што го работам и луѓето околу мене или некој ќе го плати коректно, како што е редот, или нема да има соработка. Друга опција за мене не постои. Културата и уметноста или ќе бидат финансирани со полн капацитет или подобро да ги нема, но претходно мора да се дефинира што е култура и уметност. Во овој случај понудата беше недолична од Министерство за култура. Тоа беше за предходната 2017/2018, беа побарани средства за реализација на моја самостојна изложба во Скопје, околу 5.000 евра, а одобрени беа 60.000 денари. Со тој износ секоја дискусија е завршена, можеме да зборуваме за било какви теми, само не за култура. Иако организаторот(галеристот) ме убедуваше да ги искористиме понудените средства, јас му се заблагодарив на Министерството и ја одбив понудата.
Фокус: Резултатите од годинашниот конкурс за проекти од национален интерес предизвикаа лавина од реакции во земјава. Поради обвинувања од страна на јавноста дека конкурсот е неправеден и скандалозен, премиерот Зоран Заев изјави дека истиот ќе биде поништен. Кој е вашиот став околу овие случувања, може ли конкурс од ваков вид, на кој пристигнале дури 5.560 пријави, а се одобриле 2.781 проект, може да биде секогаш правичен, како да бидат сите страни задоволни?
Дакиќ: Реакциите во јавноста, незадоволството, обвинувањата, Министерството и реакцијата на Премиерот Заев… Сето ова упатува дека состојбите во државата се радикално изместени. Во дадениов случај, јавноста(со исклучок на поединци), Министерството и Премиерот се вовлечени во погрешен филм, и играат тотално погрешна улога во однос на културата. Државата може сега да им фрли на овие, “бунтовниците”, по некоја вреќа пари и веднаш ќе се смират реакциите, но така приказната не завршува. Мислам дека овие проблеми имаат повеќе врска со трговија и политички комбинаторики, отколку со култура. Премиерот Заев ако веќе има намера да го поништи конкурсот, подобро е да го поништи целото Министерство, така ми изгледа пологично и поефективно. Ваквата поставеност и институционализација на културата е штета и за државата и за културата. Што ќе ви е Министерство кое не може да воспостави критериуми и стратегија за култура која претходно е донесена и одобрена од владата?! Само зијан од него…
Фокус: Имаме ли навистина потреба од владина поддршка за проекти во културата, колку се овие проекти значајни и колку навистина придонесуваат за да се издигне нашата култура, со оглед на тоа што добар дел од граѓаните апелираат да се укинат ваквите проекти, како што беше и случајот со субвенциите за поддршка на домашната музика?
Дакиќ: Да, има потреба од финансиска поддршка од владата, но тоа треба да биде во полн капацитет, не половично, и со висок професионален критериум. Секако дека треба да се укинат некои проекти, можеби и цели институции наследени со децении наназад кои се на државни јасли, но тоа треба да биде во рамките на одредена долгорочна стратегија за културата.
Фокус: ВМРО ДПМНЕ побара оставка од министерот за култура, Адеми, по повод настаните. Сметате ли дека оставката на министерот би била решение, или пак треба да се работи на концептот според кој работат членовите на комисииите за доделување на финансиите?
Дакиќ: Мене воопшто не ме интересира што бара ВМРО ДПМНЕ. Министерот може да си даде оставка, но не знам дали е само тоа решение, а и немам поим според кој концепт работат комисиите, впрочем, не знам ни по кој концепт работи целото министерство.
Фокус: Подготвувате голем проект кој наскоро треба да се случи во Скопје, а за кој годинава добивте владина поддршка. За што точно се работи, задоволни ли сте од одобрената сума?
Дакиќ: Да, оваа година ќе се одржи самостојна изложба во МСУ, за прв пат во Скопје и после 32 години отсуство од Македонија. Од одобрените средства позитивно сум изненаден и сметам дека ќе можеме да реализираме една сериозна манифестација.
Фокус: Со децении живеете и творите во Германија. Како таму функционираат нештата на оваа тема, како се издигнува уметноста и се стимулираат уметниците во една развиена земја, кои се разликите и што е она што недостасува кај нас?
Дакиќ: Па, многу работи недостасуваат во Македонија. Прво: Сметам дека не постои политичка одлука, политичка воља постои, само декларативно, вербално, онака, заради украс. Второ: во Македонија се уште не се дефинирани параметрите, насоките и критериумите, за уметноста и културата, се е тоа некако политизирано, корумпирано, партиски, малограѓански и криминално. Отстранете ги само овие недостатоци и ќе го добиете резултатот како во Германија.
Фокус: Сведоци сме на незадоволството на голем број на одбиени уметници, интерпретатори, актери, сликари, веќе со години наназад, но во исто време и на незадоволството на јавноста, која обвинува за неефективно трошење на народните пари, без видливи резултати, односно беа посебен напредок во уметноста. Имате ли конкретен предлог како би можеле нештата да започнат да се движат во една позитивна насока, во полза на уметниците, но и на публиката, кога станува збор за финансирањето на проектите од национален интерес?
Дакиќ: Еден уметник не може да биде одбиен од никого, ако самиот не се одбие од себе. Уметниците своето незадоволство можеа да го изразат и кога се градеше Скопје 2014, тогаш се истураа тони пари, ДЛУМ и ФЛУ како најголеми дистрибутери на ,,уметничка војска”, не ми е познато дека изразиле некакво незадоволство, секоја чест на поединци, исклучоци. Нештата можат да се движат во позитивна насока само со радикални реформи. Од врвот на државните институции па надолу, никако обратно. Имам сознание дека Министерството за култура брои околу 150 вработени, разни соработници, советници, помошници, референти, асистенти…и сл. Сенатот за култура на град Берлин брои 19 вработени. Берлин е 3,5 милиони жители, 30 -тина Музеји(?), исто толку културни институции, 400 галерии, итн… Како можат да се движат нештата во позитивна насока со ваквата поставеност во државата македонска!? Од тие стотици вработени во Министерството, колку професионални, стручни експерти со интегритет има, тоа е посебна тема за дискусија. Ова е само еден пример, со вакви апсурди претпоставувам,заробена е целата држава.
Вики Клинчарова