Ако сме за заштита на здравјето на жената, т.е. за легален и безбеден абортус за оние жени што се одлучиле на таков зафат, тоа во никој случај не значи дека ние ги поттикнуваме жените да ја прекинат својата бременост, истакна пратеничката од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Даниела Рангелова во интервју за „Независен“.
„Јас би била среќна ако секоја девојка или жена има можност и желба да се реализира во улогата на мајка. Па, има ли поголема среќа за нас од нашите деца? Тоа за мене е најголемиот благослов. Па, сепак да ги почитуваме туѓата одлука и мислење. Можеби треба да размислуваме за континуирана едукација за спречување на несакана бременост уште од најраната училишна возраст, а и за планирано семејство, наспроти санкционирање и сложени административни постапки за прекин на несакана бременост. Разочарувачки е во 21 век да читаме дека млада девојка на 19-годишна возраст го фрлила своето бебе во шахта и слични примери. Зарем тоа треба да го дозволиме и да не ги спречиме овие појави? – истакна Рангелова.