Немате умеење, немате желба за работа, имате само страст за власт, и порача пратеничката Даниела Рангелова на министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска. Поради лошото менаџирање со ова Министерство, Рангелова рече дека Царовска требало до сега да си поднесе оставка.
На денешната расправа во Собранието по повод интерпелацијата на Владата на Зоран Заев, Рангелова го посочи Министерството за труд и социјална политка како едно од најпроблематичните.
-Треба да си одите затоа што дозволивте три дечиња од „25 Мај“ да бидат силувани, а да не понесете лична одговорност. Како мирно ќе спиете кога им го одземавте насмевките на тие дечиња. Гледам се смеете, убаво што се појавивте, но дали се смеат дечињата што беа силувани во „25 мај“. Какви фаци правите, не можете ни во градинка да одите, а не па да бидете министер – рече Рангелова.
Пратеничката посочи дека има разлика меѓу Царовска како опозицинерка и Царовска како министерка.
-Кога беше опозиционерка Царовска најде време за Ромите под Кале и им вети достоинствен живот. Но министерката Царовска не најде време да ги згрижи овие луѓе. За жал во оваа наша земја има многу сиромашни луѓе. Ве поддржувам во заложбите за зголемување на минималната плата, но реалноста е сосема поинаква. Поздравувам што беше ратификувана Истамбулската конвенција, но каде е имплементацијата. Не ве допре скандалот со поезијата? Не почувствувавте тука дека треба да си поднесете оставка? не ве изненади содржината на збирката? Ги отворате само градинките што беа отворени во време на ВМРО-ДПМНЕ. Владеењето на СДСМ и министерката е гол популизам. Народните кујни не ви работат, немало назначо лице за јавни набавки. Одговор е тоа? Ветивте два пати годишно зголемување на пензиите, изминува една година, покачување на пензии нема – рече Рангелова.