Рангелова е новата Мазнева

by lali

Она што се случи на Унијата на жени на ВМРО, никако не смее да се заборави. Тоа е само една од манифестациите на огромен проблем, што, покрај другото, зборува за алармантната ситуација со состојбата на свеста во нашето општество.

Ние во Македонија, во 2016 година ги имавме степфордските сопруги во живо. Не беше тоа ниту пародија, ниту филм, туку страшна, тажна стварност на жени донесени во спортска сала на прослава на сопствен ден, на кој нивниот вожд им се обраќа како на потчинети, зависни од него, реплика на жените по кои се измислени сапунските опери во Америка во 1950-тите, радиоемисии за домаќинки, кои името го добиваат зашто се емитуваат меѓу рекламите за прашок за перење. Наменети само за домаќинки.

И така, на денот на Унијата на жените, големиот вожд им се обрати на жените. Како врач или поп. Сликата беше морничава, целиот собир личеше на оние секташки собири, во кои еден проповедник им се обраќа на луѓето со цел да искамчи некоја придобивка за себе, да ги навлече на некакво лажно верување, зависност, за да ги користи продолжително како некоја сорта проповедник, кој држи говори на големи групи жени или мажи, кои паѓаат во транс, корнат коси, омамени или хипнотизирани, мижат или шепотат, повторуваат или се колнат, врескаат и паѓаат во бессознание. Само замислете си!

Само да се потсетиме. Секоја вмровска изборна сезона, која се нарекувала етапа во владеење пред нови избори, имала свои послушнички. Тие биле употребувани и потоа баталувани, згрижувани секоја на свој начин и според заслугите, но секако ги снемувало од првите, а и последните вмровски женски редови. Сега е на ред Даниела Рангелова. Округла, русокоса глава со очигледно многу часови поминати по фризери и козметичари, финансиски добро помогната, со солидна, иако несоодветна облека, за неколку години шлифување ја научија дека за минимум пристојност, црните хеланки и чизмите над колена мора да ги замени со класичен скап црн фустан.

И кога сме веќе кај претседателката на Унијата или што и да е таа збирштина од жени со различни професии, тажни или повесели жени домаќинки или самохрани мајки, тие мораат да се појават во спортската сала, до таму да бидат транспортирани, попатно да бидат нахранети и потоа вратени дома, по градовите низ Македонија, да ја продолжат својата мисија на одржување во живот на машкото вмровско племе. Тоа сосема добро живее на нивниот грб и ги користи нејаките раменици за потпирање. Е, па таа Рангелова од споменатиот собир е новата Косана Мазнева, ако се сеќавате на женската со длабоко деколте и кошули со паспулирани карнери, која со стегната тупаница и со дебело намачкана црвена уста, со чевли на платформа и вулгарност во доволно количество, пред повеќе години ја имаше истата улога. Се разбира, во меѓувреме подостаре, ја промажија, роди дете, мораше да биде заменета со нешто помладо, похрабро, нешто што ќе биде повеќе во чекор со времето на црвените фенери и газдите со црни џипови, со уште пониски критериуми и повисок безобразлук, ако во послушноста што ја покажуваат овие жени воопшто може да се направи градација. Се менуваат тие жени без да остават каква било трага во животот на македонската жена без да се борат макар и на зборови за правата на жената, да се слушне нивниот глас, да покажат минимум авторитет и дигнитет. Ништо. Тие молчат додека вождот им држи говор за себе, не зборува за улогата на жената во општеството зашто тоа за него не е тема. Жената е нужно зло што може да се употреби за доброто на мажот. Што е тоа жена и ако тоа ја употребува и ја злоупотребува нејзината улога кога му треба, на тоа веќе никој не се ни чуди. Тој на денот на Унијата нема поим каде се наоѓа, ниту што е темата на собирот, има само една тема што ја вергла како расипана кутија на навивање чии федери никако да пукнат.

Го слушна некој говорот на Рангелова? Ја забележа некој, ја сликаа, излезе на некоја програма. Ма, не. Таа радосна жена со руса рамна коса, чии шишки само што не ѝ бркаат во очите за да придонесат за слепилото, е безначајна во приказната за страшната судбина на македонската жена. Поништена, потценета, употребена и фрлена по првата употреба.

Топло ѝ препорачувам една книга. Се вика Манифест на општеството за уништување на мажите од Валери Соланас. Нека им ја подари на своите претпоставени. Сурова е и поучна. Му порачува на мажот дека неспособен за сочуство и наклоност или лојалност, излегувајќи од себе само поради себе, тој нема никаква смисла за чесна игра. Кукавица, со постојана потреба да ѝ се илузира на жената за да искамчи нејзино одобрување, без кое е беспомошен, секогаш на работ на неговата анималност, неговата машкост да биде разоткриена, постојано прикриен има потреба непрестано да лаже. Празен во себе, нема чест ни интегритет, тој е предавник, а единствениот став за кој се залага во машко друштво се цинизмот и недовербата.

Тој ги презира жените. Вклучувајќи ја и гореспоменатата. Книвчето на педесетина страници убаво ќе ѝ објасни сѐ и нејзе, и нему, и на екипата.

Со среќа. И нејзе, и нему, и на екипата. Се надевам дека никој нема да настрада.

 

Поврзани новости