Американскиот секретар за одбрана, Лојд Остин по денешниот состанок на контактната група за одбрана на Украина (Рамштајн групата) соопшти дека нема новости во однос на дебатата за испраќање борбени авиони како дел од помошта за Украина.
Прашањето за авионите, немам новост да соопштам на таа тема од денешниот состанок. Офанзивата која следи ќе дојде за само неколку недели, затоа мора да делуваме брзо. Важно е да се систематизираат системите и наоружувањето кое сега се испраќа во Украина и трупите да го добијат потебниот тренинг, рече Остин.
Тој не сакаше да коментира повеќе за тоа кој е ставот на САД за испраќање на борбени авиони, кои Украина упорно ги бара. Повеќепати нагласи дека во овој момент е важно брзо да се делува и дека еден од најважните аспекти се обуките на украинските војници.
Прашањето за испраќање на борбени авиони беше едно од најтешките кое се дискутираше на состанокот на Рамштајн групата која се одржува во рамки на министерскиот состанок што денеска и утре се одржува во седиштетето на НАТО во Брисел. Украина бара итно испраќање на борбени авиони со цел да може да и се спротивстави на Русија, но дилемата во НАТО е како Русија ќе реагира доколку тоа се случи.
За „Фокус“ од Брисел
Катерина Смилева Божиновска