Албанскиот премиер Еди Рама во Грција на собир одржан во Атина рече дека односите меѓу двете земји не можат „да се удават во лажица вода што ја носи секојдневната политика“, и дека Албанија нема претензии кон Грција.
Рама претходно доби дозвола од грчките власти за да одржи собир со албанските граѓани.
Грчката опозиција се спротивстави на посетата на албанскиот премиер, но Рама на крајот доби дозвола од премиерот Мицотакис.
„Мислам дека темата доби малку повеќе публицитет отколку што навистина заслужува. Ако ме прашувате дали времето на оваа посета, неколку недели пред европските избори и со отворените прашања за грчкото национално малцинство во Албанија, е вистинскиот, ќе ви кажам дека не е баш најсоодветното време. Но, како и да е, да не му даваме и поголема важност“ – рече Мицотакис.
Рама на средбата со Албанците во Атина истакна дека тие станале гордост на Албанија во тој дел од Европа.
„Вие сте најголемиот, најсилниот, најубавиот доказ за оваа поврзаност со милиони нераскинливи нишки на два народа“, рече Рама.
Тој изјави дека на грчките граѓани во Албанија не им е ускратено правото да гласаат поради нивното етничко потекло.
„Ниту еден ваш проблем не се разликува од било кој проблем на граѓаните на Албанија. Во ниту еден случај албанската држава на етничките Грци не им го ускрати правото на вера, јазик или имот. Никогаш не им беше ускратено правото на глас поради нивното потекло“, продолжи тој.
Истакна дека политиката мора да знае дека судбините на Албанија и Грција се неразделни. Тој ги повика Грците да дојдат во Албанија не само на одмор, туку и да инвестираат.
„Грците беа, се и ќе бидат добредојдени во Албанија не само да се одморат туку и да работат, да отвораат продавници, да основаат фирми, да отвораат инвестициски линии за да имаат корист од многу помал даночен режим отколку во Грција. Албанија е толку добредојдена за Грците што не им прави никакви проблеми“ – рече Рама.