Албанскиот премиер Еди Рама во интервју за престижната европска телевизиска мрежа „Евроњуз“ (Euronews), ги предупреди земјите од Европската унија дека ќе биде штетно за регионот, доколку пред Албанија започнат разговори за пристапување со Северна Македонија, пренесе албанската телевизија „Топ чанел“.
-Би било многу штетно за регионот и во исто време неправедно. Македонија постигна напредок и заслужува да се пофали, бидејќи тоа го заслужува, но прашањето е дали ни треба конфликт за да се процени она што го правиме, изјавил Рама.
Во интервјуто со новинарот Џек Парок, шефот на албанската Влада зборува и за улогата на Европскиот совет за интеграција на Западен Балкан во ЕУ, потенцирајќи дека Советот многу не се базира на она што го прават владите на земјите како Албанија, туку на ситуациите и динамиката на внатрешната политика на земјите членки на ЕУ.
-Мораме да се соочиме со она што се повеќе одлучувањето на Советот на Европа не се заснова врз она што го правиме, на она што го прават земјите како нас, туку на внатрешната состојба или внатрешната политичка динамика во различни земји-членки, смета Рама.
Тој уште еднаш појасни што е Европа за Албанија.
-За нас Европа не е само обичен бирократски процес, група развиени земји во кои сонуваме да бидеме вклучени, за нас тоа е она истото што беше за оние кои ја создадоа како проект на мирот и соработката, изјави премиерот Рама за „Евроњуз“.