Албанскиот премиер Еди Рама, придружуван од министерот за надворешни работи Дитмир Бушати и првиот човек на парламентот Илир Мета, вчера оддржа средба со сите албански лидери од Македонија, на која, како што дознава Фокус од дел од учесниците на средбата, побарал да воспостават поинтензивна комуникација.
Според партиски извори, лидерот на ДУИ Али Ахмети посочил дека најмногу се ангажирал за Албанците, меѓутоа другите политички партии и лидери го попречувале, што се коси со информациите дека во моментов има одлични релации со првиот човек на ДПА Мендух Тачи.
Истите извори додаваат дека Тачи оддржал кратка средба со Рама и веднаш си заминал, пред се, поради присуството на струшкиот градоначалник и сопартиец Зијадин Села, со кого се разидоа и сега се жестоки противници.
На оваа средба во време на кулминација на политичката криза во земјава, која се оддржа во албанскиот град покрај Охридското езеро – Подградец, учествуваа уште претседателот на НДП Весел Мемеди и координаторот на движењето БЕСА Биљал Касами.