Раководството на Демократската унија за интеграција и фракцијата на ДУИ со различни настани ќе ја одбележат 21-годишнината од формирање на партијата. Настаните се организирани во различни градови.
Така раководството на ДУИ годишнината од формирање на партијата ќе ја прослави со панел-дискусија во хотелот „Александар палас“ во Скопје, а фракцијата формирањето на партијата ќе го одбележи со настан во Центарот за култура во Тетово.
Раководството на ДУИ, на чело со лидерот Али Ахмети, организира панел-дискусија во хотелот „Александар палас“ во Скопје. На панел-дебатата на тема „Европски фронт” ќе се обратат и самиот Ахмети, поранешната министерка за одбрана Радмила Шекеринска, политичкиот аналитичар Петар Арсовски, новинарот Газменд Ајдини, ексградоначалничката на Општина Тетово, Теута Арифи и други.
„По дебатата, во 14 часот, исто така во хотел ‘Александар Палас’, Ахмети ќе им се обрати на членовите на партијата на пригоден коктел по повод 21. роденден на ДУИ“, соопштија од партијата.
Паралелно на овој во Скопје, во 14 часот фракцијата на ДУИ ќе одржи настан во Центарот за култура во Тетово, по повод одбележување на 21-годишнината на ДУИ.
„Огнената група од ДУИ“ објави дека ќе функционира како фракција на 6 април годинава.