Рахиќ: Јовановски дојде прв и затоа е сместен во хашкиот дел, а Катица дојде подоцна

by fokus

Поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева не е сместена во хашкото одделение. Таму е сместен Бојан Јовановски затоа што прв дојде откако му беше изречен притвор, одговори денеска директорот на КПУ Затвор – Скопје, Есад Рахиќ, на новинарското прашање пред почетокот на конференцијата „Проект за реконструкција на казнено-поправните установи во Северна Македонија“ во Скопје.

– Тоа се шпекулации. Специјалната обвинителка не е сместена во хашкото одделение. Има повеќе блокови, хашкото е да речеме поизолирано. Господинот Јовановски е таму затоа што дојде прв. Да речеме „прв дојден, прв услужен“. Госпоѓа Катица дојде подоцна и ја сместивме во другиот дел, изјави  Рахиќ.

Прашан какви се условите во хашкото одделение во споредба со останатите простории во затворот, директорот рече дека условите се речиси идентични.

– Хашкото одделение е да речеме поизолирано. Но, условите се исти. Во хашкото одделение има и обични нормални осудени лица, исто како што има и вип личности во други одделенија. Така да, тука нема интенција на оваа управа, тој дел од хашкото одделение да биде специјално одделение за жени и да речеме за некои други случаи. Сепак, вип категоријата или хашкото одделение не е такво како што го претставуваат. И таму условите се далеку од тоа што треба да бидат, рече Рахиќ.

Катица Јанева, Бојан Јовановски и Зоран Милевски – Кичеец се осомничени за случајот „Рекет“ што го води Обвинителството за организиран криминал и корупција. Јанева и Јовановски издржуваат мерка притвор во КПУ Затвор Скопје, а Милевски со одлука на судот е префрлен во домашен притвор.

Поврзани новости