Вознемирувачката снимка која ја објави здружение за заштита на животните, а на која се гледа како маж со остар предмет крвнички тепа куче, и јавните апели МВР да реагира и сторителот да биде изведен пред лицето на правдата, завршија со епилог.
Како што информираат од МВР, од страна полициски службеници биле превземени мерки и лицето кое го измачува кучето било пронајдено.
-На 01.02.2023 околу 14.00 часот во Полициска станица Радовиш е пријавено дека на социјалната мрежа Фејсбук на страна на здружение за заштита на животни е објавена видео снимка на која се гледа тепање на животно – куче, со употреба на тврд предмет, од страна на С.Т. од с.Ораовица. Од страна на полициски службеници веднаш се преземени мерки, лицето е пронајдено, со него е извршен службен разговор и преземени се сите потребни активности, при што е утврдено дека наведените дејствија се извршени пред повеќе години и констатирано е кривично дело „мачење животни“ по член 233 од Кривичниот законик. Во координација со Јавен обвинител од ОЈО Радовиш, против лицето ќе биде поднесен соодветен поднесок-известија од министерството.
Правници со кои разговараше ,,Фокус” појаснуваат дека за кривичното дело ,,мачење на животни и суров третман” е предвидена парична казна или затвор до шест месеци. Многу поригорозна е казната за трујачите на животни, кои расфрлаат отров на јавни површини. Во тие случаи станува збор за кривично дело ,,предизвикување на општа опасност” од член 288, а предвидена е затворска казна од шест месеци до пет години.
Во земјава чести се случаите на труење и измачување на животни. Здруженијата за заштита на животните со години наназад апелираат за сериозен пристап кон овие кривични дела, кои не смеат да поминуваат неказнето. И покрај апелите, реткост е сторителите да бидат пронајдени и против нив да бидат поднесени соодветни поднесоци.
Вики Клинчарова