Радев: Сè уште има говор на омраза кон Бугарија во учебниците и во јавниот простор

by fokus

Бугарија е најсилниот поддржувач на проширувањето на ЕУ, но не може да дозволи кршење на правата на граѓаните на Република Северна Македонија со бугарска самосвест. Ова го изјави бугарскиот претседател Румен Радев на средбата со неговиот австриски колега Александар Ван дер Белен за време на денешната посета на австрискиот град Салцбург.

Како што јави дописникот на МИА во Софија, на средбата меѓу Радев и Ван дер Белен, било истакнато дека европската интеграција на земјите од регионот е во интерес на стабилноста и економскиот развој на Европа.

Претседателот Радев истакнал дека Бугарија принципиелно и доследно ја поддржува европската перспектива на регионот, која, сепак, вели, не треба да биде ограничена на формалните фази во процесот на пристапување и не може да им наштетува на интересите на земјите-членки на Унијата и нејзините вредности. Во врска со постигнувањето напредок во европската интеграција на Република Северна Македонија, шефот на бугарската држава изјавил дека очекуваат јасна политичка волја од соседната земја за спроведување на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу двете држави, потпишан во 2017 година.

Двајцата претседатели на Бугарија и Австрија многу сериозно обрнале внимание на темата за проширување на ЕУ кон Западен Балкан. Радев истакнал дека „иако во Скопје тврдат дека ги исполнуваат критериумите за пристапување, сепак сме сведоци на систематско кршење на правата на граѓаните на Република Северна Македонија од бугарско потекло и нивна дискриминација, сè уште има говор на омраза кон Бугарија во учебниците и во јавниот простор“.

Според бугарскиот претседател, напредокот и решавањето на овие прашања зависат исклучиво од политиките на Република Северна Македонија, со која Бугарија повеќепати изразила подготвеност да води конструктивен и отворен дијалог. Според Радев, ова е начинот да се создаде клима на доверба и да се постигнат конкретни и неповратни резултати што ќе доведат до почеток на преговори за членство во ЕУ.

Бугарскиот претседател во Салцбург истакна дека во рамките на словенечкото претседателство со Советот на Европската унија, неговата земја е подготвена да работи на постигнување напредок на чувствителни теми и на решенија прифатливи за двете земји.

Поврзани новости