Милијардер именуван за нов либански премиер

by fokus

По консултациите со различните парламентарни блокови, либанскиот претседател Мишел Аун денеска го назначи новиот премиер на земјата, Наџиб Микати, чија влада треба да се справи со исклучително сериозните економски тешкотии во земјата, соопшти претседателската палата во Бејрут.

Микати (66), милијардер и бизнисмен, кој веќе двапати беше премиер на Либан, во 2005 и 2011 година, денеска ги доби потребните 72 гласа за формирање на новата влада.

Микати, кој потекнува од северниот пристанишен град Триполи, денеска беше именуван од главните парламентарни блокови во земјата, вклучувајќи го и проиранското шиитско движење Хезболах.

Христијанските либански сили и Слободарското патриотско движење на Аун не номинираа ниту еден кандидат за оваа функција.

Задачата на новиот премиер ќе биде формирање на главно технократска влада која мора што побрзо да одговори на економската криза, најлошата во Либан од крајот на граѓанската војна во 1990 година.

Според либанскиот Устав, претседателот мора да се консултира со различните блокови во парламентот, пред да го повика премиерот да формира нова влада.

Откако девет месеци не успеа да формира влада, на 15 јули тогашниот мандатар, Саид Харири, се повлече, повикувајќи се на политичките судири во земјата.

Преодниот премиер, Хасан Диаб, поднесе оставка на функцијата по масивната експлозија со трагични последици во пристаништето Бејрут, на 4 август минатата година.

Според непишаниот договор за воспоставување рамнотежа во мултиконфесионалната држава на Ориентот, што датира од 1943 година. либанскиот претседател треба да биде христијанин маронит, премиерот сунитски муслиман, а претседателот на парламентот шиитски муслиман.

Поврзани новости