Работните групи за договорот од Пржино утре се враќаат на работа

by Фокус

Откако беше избрана специјалната обвинителка, од утре продолжуваат преговорите за спроведување на договорот од Пржино. Тема на утрешната средба на претставниците на четирите најголеми партии ќе биде изборниот процес.

На оваа тема досега е постигнат договор за Државната изборна комисија (ДИК) која ќе број девет члена. Тројца од нив ќе бидат избрани по предлог на власта, тројца ќе предложи опозицијата, а тројца членови треба да бидат експерти, независни од партиите. ДИК ќе биде надлежна и за Избирачкиот список. Договорено е и да има активна регистрација на гласачите со цел прочистување на списокот .

Се уште нема договор за бројот на изборните единици и за изборниот систем: мнозински или пропорционален. Проблем ќе биде и гласањето на дијаспората. СДСМ смета дека гласовите од дијаспората треба да се спојат со оние од Македонија за сите да имаат еднаква важност, а ВМРО-ДПМНЕ инсистира дијаспората повторно да има три пратеници.

Крајниот рок за постигнување договор за изборниот процес е на 30 септември. Потоа, на 20 октомври, следуваат кадровските промени во Владата и преземање на министерствата за внатрешни работи и за труд и социјална политика од страна на СДСМ. По предлог на СДСМ ќе се постават и заменици-министри за финансии, земјоделство и информатичко општество и администрација.

 

Поврзани новости