Два нови случаи на Ковид-19 денес се регистрирани во Кавадарци. Истите не беа евидентирани во денешниот билтен на Министерството за здравство, бидејќи позитивните резултати од брисовите пристигнале подоцна во тек на денот.
-Се работи за жена на возраст од 67 години, пензионерка. Таа се тестирала поради пројавени симптоми, во моментот е во добра состојба, на домашно лекување. Вториот случај е маж на возраст од 44 години, вработен во фабриката Дрекслмајер. Тој исто така барал тестирање поради пројавени симптоми и покачена температура. Сега се чувствува добро, останува на домашно лекување. Лица од фабриката со кои бил во контакт исто така од денес остануваат во домашна изолација, во тек на наредните две недели – информираат од Центар за јавно здравје Кавадарци.
Од таму додаваат дека пациентот од фабриката бил на работно место во работилница со алати, а не на лента. Ова е втор случај на Ковид-19 во германската фабрика Дрекслмајер во Кавадарци.
Пред два дена беше регистрирана работничка на возраст од 50 години, која во анкетата навела дека изминатите десет дена не одела на работа. Со овие случаи бројот на инфицирани во Кавадарци се искачи на 21. Активни се 15 случаи, од кои едно лице е од Демир Капија, но заведено под Општина Кавадарци.
Вики Клинчарова