На третиот состанок на Работната група за канабис која се одржа денеска во Владата, на покана на членовите од Здружението на производителите на медицински канабис, присуствуваше и Стефани Вилмот од Канада – консултант за правни прашања и добри производни практики, познати како GMP стандарди и процеси за примена на лиценци.
Со членовите на работната група, Стефани Вилмот сподели искуства и информации за начинот на кој во Канада е легализирана медицинската и личната употреба на канабисот. Таа се осврна на тековните стандарди, вклучително и добрите производни практики (GMP) за хербални медицински препарати.
„Беа објаснети повеќе аспекти кои ги опфаќаат прописите за здраво и безбедно одгледување на канабисот, за контрола на квалитетот во сите аспекти на производството, и тоа за: неопходноста од научно истражување за примена на канабисот како лек за специфични болести, важноста на правилното инспекциско работење за да се обезбеди дека нелегалниот канабис не влегува во медицинскиот пазар и пазарот за лична употреба, вклучително и целосни контролни механизми за следење на одгледувањето и производството на канабис, заштитата на малолетници, и даночните придобивки од легализацијата на канабисот“, соопштија од Владата.
На состанокот, додаваат од таму, се разгледаа потребите и можностите за проширување на листата на дијагнози за кои канабисот може да се препише од доктор за медицинска употреба, за што во периодот што следува ќе бидат дефинирани конечните решенија.