Кампањата „Излези за ГТЦ!“ стартува утре, 6 април, во 20 часот, во паркот “Жена – Борец”. Оваа акција ја организира иницијативата ГоСакамГТЦ а на овој прв собир ќе бидат повикани граѓаните на Центар да гласаат за задржување на автентичноста на симболот на Скопје на претстојниот референдум во Општина Центар.
На настанот ќе говорат архитекти и активисти, а ќе има и богата музичка програма од музичари – поддржувачи: Ана Костовска и Симон Киселички, The John, Џака Накот, Бон Праскиза и Donplaya и други.
На 26-ти април, недела, граѓаните на Општина Центар ќе можат да се изјаснат “за” или “против” задржување на сегашниот излег на Градскиот трговски центар. Референдумот е обврзувачки за локалните и државните власти и неговиот успех е условен од излезноста која треба да надминува 50 проценти за да биде референдумот успешен.
Затоа, ГоСакамГТЦ повикува на масовност и сплотеност меѓу граѓаните за што поголем одзив.
Се до денот на референдумот ќе бидат организирани средби со граѓаните и настани низ Општина Центар и ГТЦ за да се мотивираат граѓаните да излезат и да се изјаснат за сочувувањето на автентичниот изглед на ГТЦ. Центарци ќе гласаат на истите гласачки места како и на последните избори, а избирачкиот список може да се провери во просториите на општината или http://izbirackispisok.gov.mk/